Донесувањето на американскиот економски пакет за справување со коронавирусот, вреден два трилиони американски долари, е во финална фаза, со тоа што се очекува Претставничкиот дом утре да го изгласа законот, а потоа да го потпише претседателот Доналд Трамп.
„Сигурна сум дека ќе имаме силно двопартиско гласање“, изјави денеска Ненси Пелоси, спикерката на Претставничкиот дом контролиран од демократите.
Републиканскиот конгресмен Томас Маси од јужната држава Кентаки рече дека се спротивставува на тоа колку напорите за спасување ќе додадат на американскиот долг, кој веќе изнесува повеќе од 23 трилиони долари.
Пелоси рече дека смета дека некои републиканци ќе се спротивстават на одобрување на масовната мерка за финансирање, најголемата во американската историја, која е дизајнирана да внесе финансиска инекција во вид на готовина во американската економија за да се надмине значителниот пад предизвикан од пандемијата на коронавирусот.
Таа рече дека демократските законодавци кои преговарале за пакетот со мнозинството републикански лидери во Сенатот и Белата куќа „не добиле сè што сакале“ во мерката, но дека сепак оствариле „победа“.
Пелоси рече дека не смета дека спасувачкиот пакет ќе стави крај на напорите на конгресот за да се закрепне американската економија, најголемата во светот, бидејќи пандемијата продолжува да нанесува штети.
Facebook Forum