САД го обновија повикот за победа во борбата против тероризмот, објавувајќи нова контратерористичка стратегија со која ќе се спротивстават на комплексните растечки закани.
Документот е најнов од серијата обновени стратегии издадени од страна на администрацијата на Трамп и е посветен на борбата со тероризмот и терористичките групи како што е Исламската држава и оние поддржани од Иран.
Иако во новата стратегија не се наведени многу детали, општо се опишани новите поагресивни мерки.
„Ние заклучивме дека се соочуваме со терористичка идеологија“ изјави советникот за национална безбедност Џон Болтон во Белата куќа. „Претседателот на САД има долгорочен став дека ако не признаеме дека сме во идеолошка борба, не можеме соодветно да одговориме на терористичката закана.“
Болтон рече дека непосредната закана за САД доаѓа од „радикалните исламистички терористички групи“ како што се Исламската држава и Ал Каеда.
Тој исто така имаше тешки зборови за Иран, нарекувајќи го „најистакнат државен спонзор на тероризам.“
„Терористичките групи спонзорирани од Иран како Хезболах, Хамас и Палестинскиот исламски џихад и понатака претставуваат закана за САД и за нашите интереси“, додаде Болтон.
Болтон рече дека терминологијата употребена во стратегијата за борба против тероризмот на претседателот Доналд Трамп и вклучувањето на Иран претставува значителна промена во однос на претходната национална стратегија за борба против тероризмот кој беше објавена
во 2011-та година во времето на тогашниот претседател Барак Обама. Поранешната стратегија се фокусираше речиси исклучиво на Ал Каеда и не се однесуваше на другите групи.
Болтон рече дека како дел од новата стратегија,САД ќе стават фокус на терористичките мрежи и нарушување на способноста на терористичките групи да комуницираат и да регрутираат оперативци, како отежнување на финансирањето на нивните активности.
Стратегијата исто така ја нагласува соработката со сојузниците од НАТО и со останатите странски влади во борбата со тероризмот.
Аналитичарите предупредуваат дека во некои региони каде што борбата против тероризмот е најкритична, како што се Сирија, Либија, Сомалија и Јемен, САД имаат ограничен избор кога станува збор за потенцијални партнери.
Facebook Forum