Линкови за пристапност

Во САД се регистрирани 50.000 нови инфекции на Ковид-19 во еден ден


Рекорден пораст на бројот на новозаразени од Ковид во САД

За прв пат од појавата на коронавирусот во САД, нацијата забележа бројка од 50.000 нови инфекции на Ковид-19 за еден ден.

Во рекордните бројки најмногу случаи регистрирала Калифорнија, односно 9.740 нови случаи, според проектот „Следење на Ковид“ на магазинот „Атлантик“[[ https://twitter.com/COVID19Tracking/status/1278474264245489665/photo/1 ]], следи југозападната држава Тексас со 8.076. Југоисточната држава Флорида е трета со 6.563 нови инфекции, додека југозападната држава Аризона е веднаш зад неа со нови 4.877 случаи.

Други држави со рекордни нови еднодневни инфекции на Ковид-19 во средата беа Алјаска, Џорџија, Луизијана, Северна Каролина и Тенеси.

Рекордниот број на нови инфекции е придружен од голем број на нови хоспитализации во осум држави, при што во средата Тексас пријави 6.904 пациенти.

Ситуацијата создаде криза во една од најголемите држави во САД, при што во некои болници капацитетот е веќе исполнет.

Зголемената стапка на инфекции во Калифорнија го натера гувернерот Гавин Њусом да ги врати во сила ограничувањата кои беа наметнати во целата земја на почетокот на пандемијата, да ги затвори баровите и театрите и да го забрани јадењето во ресторани на затворено во 19 окрузи.

На другите места во САД, градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, планира повторно да ги стави во мирување претходно отворените простории за јадење, поради можноста заразени лица од други места да влегуваат во градот.

И гувернерот на Пенсилванија, Том Волф, во средата издаде наредба за територијата на целата држава во која се предвидува сите да носат маски за лице.

Рекордниот ден според бројот на нови инфекции во средата во САД следи само еден ден откако д-р Ентони Фаучи, шеф на Националниот институт за алергија и заразни болести, ја предупреди Комисијата на американскиот Сенат дека сегашната стапка на нови инфекции може да порасне на 100.000 на ден ако тековниот пораст на бројот на инфекции не се спречи.

XS
SM
MD
LG