Директорот на американскиот Национален институт за алергија и заразни болести Д-р Ентони Фаучи денеска треба да сведочи пред Сенатската Комисија за здравство при што ќе предупреди на ризиците од прерано укинување на ограничувањата воведени поради коронавирусот.
Фаучи, за Њујорк Тајмс изјави дека неговата главна порака до законодавците ќе биде дека ако државата ги прескокне контролните точки од трифазниот план на Белата куќа, „тогаш ние ризикуваме опасност од повеќекратно избивање на епидемии низ целата држава“.
„Ова не само што ќе резултира со непотребно страдање и смрт, туку всушност ќе нè врати назад во нашите напори да се вратиме во нормала“, рече Фаучи.
Здравствените власти со недели предупредуваа дека олеснувањето на мерките за останување дома и прераното отворање на деловните активности може да доведе до повторно оживување на вирусот, што може да го загрози јавното здравјте и да му наштети на напорите на администрацијата на Трамп да ја обнови економската активност.
Планот на Белата куќа содржи неколку препораки за државите, бидејќи тие размислуваат како да ги олеснат ограничувањата. Овие препораки вклучуваат и дека државите треба да постигнат надолна траекторија на бројот на позитивно тестираните случаи и двонеделен пад на бројот на документирани случаи, како и да имаат силни системи за пронаоѓање на контактите на оние кои на тестовите излегле позитивни.
САД имаат повеќе од 1,3 милиони потврдени инфицирани случаи и 80.000 смртни случаи од коронавирусот.
Фаучи е еден од четворицата високи официјални претставници што треба да се појават во вторник пред Сенатската комисија за здравство, образование, труд и пензии на сослушување под наслов „Безбедно враќање на работа и на училиште“.
Шефот на американските центри за контрола и превенција на болести, Д-р Роберт Редфилд и комесарот на Управата за храна и лекови, д-р Стивен Хан, заедно со Фаучи, ќе сведочат на далечина, бидејќи тие се во самоизолација по контакт со вработен во Белата куќа, кој беше позитивен на тест за Ковид-19.
САД имаат повеќе од 1,3 милиони потврдени инфицирани случаи и 80.000 смртни случаи од коронавирусот.
Facebook Forum