Линкови за пристапност

Го потценивме вирусот и скапо ја плативме цената, вели гувернерот на Њујорк


Гувернерот изјави дека ќе го повика претседателот Доналд Трамп и ќе побара од него американскиот поморски болнички брод Комфорт да прими пациенти инфицирани со вирусот

Гувернерот на Њујорк изјави во понеделникот дека е можно неговата држава да бележи изедначување на кривата која го прикажува трендот на случаите на коронавирусот, но сè уште е рано да се биде сигурен во тоа.

Ендрју Куомо истакна дека бројот на смртни случаи останува рамен два дена, како и бројот на нови потврдени случаи на КОВИД-19, болест предизвикана од коронавирусот. Значително е намален и бројот на пациенти кои имаат потреба од респиратори во единиците за интензивна нега.

„Иако ништо од ова не е добра вест, можното израмнување на кривата е подобро од зголемувањето што го видовме“, изјави Куомо за новинарите.

Но, тој истакна дека Њујорк сè уште е далеку најзагрозената американска држава, со повеќе од 130.000 потврдени инфицирани со вирусот и 4,758 смртни случаи.

„Сè уште може да се движи во кој било правец; сè уште можеме да забележиме зголемување “, предупреди Куомо. „Сè зависи од тоа што го правиме“.

Њујорк сè уште е далеку најзагрозената американска држава, со повеќе од 130.000 потврдени инфицирани со вирусот и 4,758 смртни случаи


Поради тоа, гувернерот најави дека мерките со кои се затворени несуштинските бизниси и училиштата ќе останат на сила до 30 април. Тој исто така изрази разочараност од групите и поединците кои не ги почитуваат насоките за социјално дистанцирање и најави дека зголемување на максималната казна за прекршување на тие правила на 1.000 американски долари.

„Исто така, постои реална опасност премногу брзо да станете самоуверени“, рече гувернерот Куомо. „Ова е непријател што го потценивме од првиот ден и скапо ја плативме цената“.

Тој рече дека некои влади во Азија направиле грешка олеснувајќи ги мерки премногу брзо и дека гледаат повторно оживување на вирусот, но дека Њујорк не сака да ја повтори својата грешка.

Скоро 17.000 луѓе се хоспитализирани во државата Њујорк поради коронавирус. Гувернерот изјави дека ќе го повика претседателот Доналд Трамп и ќе побара од него американскиот поморски болнички брод Комфорт да прими пациенти инфицирани со вирусот. Бродот е лоциран на пристаништето во Њујорк.

Тој рече дека 1.000 кревети на Комфорт и уште 2.500 кревети со кои управува федералната влада во теренската болница во конвенцискиот центар во Њујорк, ќе имаат функција на главен „олеснувачки вентил“ за болниците во градот, кои се преплавени со пациенти заболени од вирусот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG