Линкови за пристапност

Трамп ги продолжи мерките за социјално дистанцирање до 30 април


Oдлуката за продолжување на мерката за социјално дистанцирање е „мудра и претпазлива“, оцени владиниот експерт за заразни болести во САД, д-р Ентони Фаучи.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги продолжи мерките за социјално дистанцирање и другите насоки за борба против коронавирусот до 30 април, велејќи дека тоа што е направено досега е во функција на спасување на животи.

„Колку подобро ќе го сторите тоа, толку побрзо ќе заврши целиот овој кошмар“, рече Трамп во неделата на брифинг за медиумите кој се одржа во градината на розите во Белата куќа.

„Сакам нашиот живот повторно да се врати“, рече тој.

Првичниот двонеделен период кој властите го одредија за спроведување на мерките за социјално дистанцирање истече денеска.

Трамп смета дека во САД стапката на смртност ќе порасне за две недели и рече дека државата ќе биде „на добар пат кон закрепнување“ до 1 јуни.

Трамп изјави дека сака државата да го поврати бизнис работењето до Велигден, 12 април, велејќи дека не сака лекувањето од економското исклучување поради пандемијата да биде полошо од болеста.

Тој сепак се повлече од тоа ветување во неделата.

Денеска рано наутро, статистиката на универзитетот „Џон Хопкинс“ покажа дека во САД има 142.000 потврдени случаи и повеќе од 2.500 смртни случаи.


Владиниот експерт за заразни болести во САД, д-р Ентони Фаучи, рече дека одлуката за продолжување на мерката за социјално дистанцирање е „мудра и претпазлива“. Тој рече дека тоа што е направено до сега имало ефект, иако останува на претходно дадената прогноза дека во САД постои опасност да има повеќе од 100.000 смртни случаи поради коронавирусот. „Она што се обидуваме да го направиме е да не дозволиме тоа да се случи“, рече тој.

Денеска рано наутро, статистиката на универзитетот „Џон Хопкинс“ покажа дека во САД има 142.000 потврдени случаи и повеќе од 2.500 смртни случаи.

Д-р Дебора Беркс од работната група за борба против коронавирусот, рече дека до 2,2 милиони Американци би можеле да бидат жртви на вирусот, а можеби и повеќе, ако луѓето не ги сфаќаат сериозно мерките за социјално растојание и другите мерки.

Трамп, исто така, се заблагодари на Управата за храна и лекови за брзото одобрување на новиот тест за коронавирус, за кој рече дека дава „молњевито брзи“ резултати за пет минути.

Трамп во петокот го потпиша и економскиот пакет од два трилиони американски долари за помош на Американците и деловните субјекти. Најголем дел од пакетот е наменет за директна исплата на готовина кај повеќето американски семејства.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG