Линкови за пристапност

Фаучи: Бројот на жртви од коронавирусот во САД е повисок од регистрираните


Врвниот американски експерт за заразни болести предупредува на сериозни последици ако градовите и државите се отворат премногу брзо

Д-р Ентони Фаучи, врвниот американски експерт за заразни болести, во вторникот изјави дека бројот на смртни случаи од коронавирус во Соединетите американски држави е „речиси сигурно поголем“ од пријавениот број од 81.000.

Тој предупреди на сериозни последици ако градовите и државите повторно се отворат премногу брзо.

Фаучи пред сенатскиот панел, кој го испитува американскиот одговор на пандемијата, зборуваше за бројот на жртви на коронавирусот, особено во областа на Њујорк, кои починале дома, без да бидат официјално регистрирани во вкупниот број на починати на национално ниво. Тој одби да шпекулира колкав е тој број.

Фаучи рече дека осум вакцини против коронавирус се развиваат во САД


Фаучи предупреди дека е „можно“ пандемијата „да се влоши“ во САД во есенските месеци од септември до ноември, но рече дека се надева оти до тогаш државата „би можела да се справи со тоа“ подобро отколку досега.

Претседателот Доналд Трамп ги поттикнува деловните субјекти и гувернерите на државите да ја отворат најголемата светска економија и сите освен неколкумина од вкупно 50 гувернери веќе издадоа наредби во последните денови да им се овозможи на некои продавници, ресторани и канцеларии да продолжат со работењето на ограничена основа ако се преземени мерки на претпазливост.

Но, Фаучи, сведочејќи на далечина, од неговиот дом надвор од Вашингтон, рече дека „постои вистински ризик од епидемија што нема да можете да ја контролирате“ ако се игнорираат владините упатства кои налагаат да има постојан пад на бројот на случаи во текот на две недели, пред да се врати во нормала живот во САД.

„Последиците би можеле да бидат сериозни“, рече тој.

Фаучи рече дека осум вакцини против коронавирус се развиваат во САД.

„Ако бидеме успешни“, рече тој, „се надеваме дека ќе го знаеме тоа кон крајот на есента или на почетокот на зимата“.

Тој рече дека тоа е предалеку за милиони студенти, кои се враќаат на колеџите и во училишта низ целата држава во август и септември, да бидат вакцинирани пред повторно да присуствуваат на часови.

Трамп рече дека во САД има широко распространето тестирање на коронавирус, повеќе отколку во која било друга држава, иако во некои извештаи се вели дека САД не се меѓу првите 20 држави според број на тестови спроведени по глава на жител.

„Нашето тестирање е најдобро во светот, досега“, напиша Трамп во порака на Твитер неколку часа пред да започне сослушувањето. „Бројките (со случаи на коронавирус) се намалуваат во повеќето делови на нашата држава, која сака да се отвори. Се се одвива безбедно! “

https://twitter.com/realDonaldTrump/status/1260171664865796097

Но, честиот критичар на Трамп, сенаторот Мит Ромни од Јута, на сослушувањето рече: „Сметам дека со нашата стапка на тестирање немаме ништо за славење“.

Сенаторот Ламар Александар, кој претседаваше со комисијата во Сенатот, додека е во карантин во неговиот дом во Тенеси, рече: „Ни треба широко тестирање - милиони повеќе тестови за Американците да стекнат доволно доверба да се вратат на работа и на училиште“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG