Линкови за пристапност

Конгресот повика на осуда на расизмот и екстремизмот


Претставничкиот дом и Сенатот усвоија заедничка резолуција

Конгресот одобри заедничката резолуција во која претседателот на САД Доналд Трамп се повикува да ги осуди групите кои шират омраза и го поддржуваат расизмот, екстремизмот, антисемитизмот и идејата за надмоќ на белата раса.

Претставничкиот дом ја усвои резолуцијата во вторникот, еден ден откако Сенатот даде свое одобрение. Мерката сега оди кај претседателот Трамп, кој беше критикуван за неговиот одговор на насилствата на собирот на белите националисти од минатиот месец кој се одржа во Шарлотсвил, Вирџинија.

Демократскиот сенатор Марк Ворнер ја претстави резолуцијата заедно со двопартиска група ко-спонзори: демократите Тим Кеин и Ричард Блументал, и републиканците Кори Гарднер, Џони Исаксон и Лиза Мурковски.

Резолуцијата го наведува собирот од 11-ти август, кога „стотици бели националисти, бели расисти, припадници на кланови и нео-нацисти“ извикуваа расистички и анти семитистички слогани и „и се судрија со контра-демонстрантите“.

Следниот ден, лице кое наводно е нео-нацист со автомобил удри во група контра-демонстранти во центарот на Шарлотсвил, Вирџинија при што загина Хедер Хејер, а 19 други беа повредени. Тој ден во хеликоптерска несреќа загинаа и двајца полицајци кои ги следеа протестите.

Конгресот го осуди убиството на Хејер, нарекувајќи го „домашен терористички напад“.

Во резолуцијата се вели дека Конгресот „го отфрла белиот национализам, белата надмоќност и нео-нацизмот, како изрази на омраза и нетолеранција, кои се во спротивност со вредностите што го дефинираат народот на САД“. Со неа се повикува администрацијата на претседателот Трамп да ги користи сите можни средства за справување со овие растечки групи во земјата, и да се истражуваат сите акти на заплашување и домашен тероризам со цел спречување на понатамошни насилства.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG