Генералот во пензија Џејмс Матис, номиниран од новоизбраниот претседател Доналд Трамп на функцијата секретар за одбрана и конгресменот Мајк Помпео, номиниран за прв човек на ЦИА, се дистанцираа од Трамп, најавувајќи поостар пристап спрема Русија.
За време на денешниот распит во Сенатската комисија за разузнавање, Помпео истакна дека руското мешање во изборите во САД, „било агресивна акција изведена од виши раководни лица во Русија“, и повика на „неверојатно остар одговор од американска страна“.
Трамп на неколкупати ја критикуваше американската разузнавачка заедница, шпекулирајќи дека агенциите биле одговорни за обелоденување на непотврдени наводи за негова поврзаност со Русија. Но, Помпео пред законодавците кажа дека „не гледа простор за сомнеж“ во заклучокот на разузнавачката заедница дека Русија стои зад компјутерските хакерски напади за време на претседателската кампања во САД.
Изборот на Трамп за прв човек на Пентагон, генералот во пензија Џејмс Матис, сведочеше пред Сенатската комисија за вооружени служби. Тој подвлече дека глобалната рамнотежа воспоставена по Втората светска војна се соочува со закана како никогаш досега, делумно од страна на Русија.
„Мислам дека се соочува со најголемиот напад од Втората светска војна, наваму - и тоа од Русија, од терористичките групи и со она што прави Кина во Јужното Кинеско Море“, рече Матис.
Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин „се обидува да го разбие НАТО“, кампања која налага САД и нивните сојузници да се бранат со интегрирани дипломатски, економски и воени средства.
Матис воедно истакна дека ги поддржува областите на соработка со Русија, „но треба да ја препознаеме реалноста и кои се плановите на оваа земја, како и тоа дека постојат се` помалку области за соработка и се` поголем број области при што ќе мораме да и` се спротивставиме на Русија“.
Пред законодавците тој подвлече и дека со новоизбраниот претседател разговарале за важноста на НАТО, што ја опиша како најуспешна воена алијанса „веројатно отсекогаш“.
Матис изрази загриженост за безбедносните закани коишто доаѓаат од Иран, потенцирајќи дека не ги поддржува заострените техники на испрашување, како симулираното давење.
Пред Сенатската комисија за банкарски служби, пак, сведочеше неврохирургот во пензија Бен Карсон, на функцијата секретар за домување и урбан развој. Карсон беше кандидат за претседателската номинација од редовите на Републиканската партија. Кусо време откако се повлече од трката, го поддржа Трамп.