Линкови за пристапност

Скандалот со мејлови ја засени конвенцијата за Клинтон


Претседателката на Демократската партија на САД ја напушта позицијата поради протечени мејлови, во кои се исмејува и критикува сенаторот Берни Сандерс

Претседателката на Демократската партија на САД даде оставка во неделата, во предвечерјето на партиската национална конвенција, која треба да ја потврди поранешната државна секртарка на САД Хилари Клинтон, како нивна претседателска номинација.

Деби Васерман Шулц ја напушта позицијата, среде скандалот во врска со протечени мејлови, за тоа како партиските лидери го исмејувале и критикувале конкурентот на Клинтон, сенаторот Берни Сандерс.

Васерман Шулц претставничка од Флорида, се очекува официјално да замине од функцијата неделава, на крајот на конвенцијата во Филаделфија.

Сандерс побара оставка од Шулц, откако Викиликс објави близу 20.000 мејлови од демократските партиски лидери, за период од изминатава година и половина.

Претседателот Обама, во писмена изјава, кажа дека нејзиното лидерство ги здружило демократите, не само за неговиот реизбор, туку и за постигнување на заедничките цели.

Конвенцијата започнува денеска во Филаделфија, познат како „град на братска љубов“. Повеќе од 5.000 делегати се меѓу 50.000 луѓе, кои ќе присуствуваат на собирот.

Менаџерот на кампањата на Клинтон Роби Мук, сугерираше дека „руски државни актери“ ги украле мејловите и ги објавиле додека се собирале делегатите на конвенцијата, во обид да му помогнат на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, но тој не понуди докази за тоа. Кампањата на Трамп за ова рече дека е смешно.

По долга демократска битка за номинација, Сандерс ја поддржа Клинтон, и ќе зборува вечерва на конвенцијата во нејзина корист, исто како и првата дама Мишел Обама.

Добро позната на американската политичка сцена со децении, Клинтон се упатува на конвенцијата, откако го именува сенаторот од Вирџинија Тим Кејн за нејзин потпретседтелски кандидат.

XS
SM
MD
LG