Линкови за пристапност

Се` заострува трговската војна САД - Кина


Пекинг воведе царини за американски производи, како одговор на сличната мерка која ја воведе Вашингтон

Кина воведе нови царини за увоз од САД вреден 60 милијарди американски долари, како одговор на одуката на претседателот Доналд Трамп за зголемување на царините за 200 милијарди долари кинески производи.

Вашингтон исто така најави нови царини за 300 милијарди долари увоз од Кина.

Кинеското министерство за финансии соопшти дека воведува пет до 25 проценти царини на 5.140 американски производи и дека одлуката стапува на сила на 1-ви јуни.

Пекинг вели дека одговорот е насочен против „унилатерализмот и трговскиот протекционизам на САД.“

„Кина никогаш нема да подлегне на странски притисок“, велат Министерството за надворешни работи на државата.

Претседателот Трамп претходно го повика Пекинг да не ги зголемува царините: „Кина многу години ги искористува САД, и тие отидоа далеку напред (нашите претседатели не си ја вршеа работата). Затоа, Кина не треба да се одмаздува и состојбата само ќе се влоши!“

Ескалацијата на трговската војна имаше непосреден ефект врз американските берзи кои паднаа за околу два проценти за време на денешното тргување.

Главниот економски советник во Белата куќа, Лари Кудлоу, за „Фокс њус“ кажа дека „двете страни ќе страдаат“ од трговска војна.

Трамп на Твитер напиша дека: „Нема причина потрошувачите во САД а да платат за царините, кои од денес се воведени кон Кина“. Сепак Кудлоу призна дека: „Всушност, двете страни ќе платат.“

Претседателот на САД тврди дека кинеската влада неправедно ги субвенционира кинеските компании и краде интелектуална сопственост од американските фирми.

Кудлоу кажа дека во САД најтешко ќе им биде на земјоделците кои извезуваат соја, пченка и пченица во Кина. Тој додаде дека администрацијата на Трамп им помогнала со субвенции вредни 12 милијарди долари и дека ќе го стори тоа повторно ако е потребно и ако статистиката тоа го покажува. Трамп најави дека ќе побара од Конгресот да одобри уште 15 милијарди долари земјоделски субвенции за да ја надомести загубата од намалената продажба во Кина.

Трговските разговори меѓу двете економски суперсили траат со месеци. Последната средба во Вашингтон заврши без договор.

„Се движиме добро со конструктивни разговори и се` уште мислам дека е така“ рече Кудлоу. „Ќе продолжиме со разговорите, како што предложи претседателот".

Кудлоу рече дека Трамп и кинескиот претседател Ши Џинпинг најверојатно ќе разговараат за трговските прашања на самитот на Г-20 во Јапонија кој ќе се одржи на крајот од јуни.

САД тврдат дека Кина краде технолошки тајни и ги принудува американските компании да откриваат трговски тајни ако сакаат да произведуваат во Кина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG