Линкови за пристапност

Кина возврати со царини на американски производи


Кина воведе царини од 25 проценти за американски производи вредни 60 милијарди долари. Мерката доаѓа откако претседателот на САД, Доналд Трамп ги зголеми царините за кинески производи.

Претседателот Трамп претходно го повика Пекинг да не ги зголемува царините: „Кина многу години ги искористува САД, и тие отидоа далеку напред (нашите претседатели не си ја вршеа работата). Затоа, Кина не треба да се одмаздува и состојбата само ќе се влоши!“

Главниот економски советник во Белата куќа, Лари Кудлоу, за „Фокс њус“ кажа дека „двете страни ќе страдаат“ од трговска војна.

Тој кажа дека во САД најтешко ќе им биде на земјоделците кои извезуваат соја, пченка и пченица во Кина. Кудлоу додаде дека администрацијата на Трамп им помогнала со субвенции вредни 12 милијарди долари и дека ќе го стори тоа повторно ако е потребно и ако статистиката тоа го покажува.

Трамп во неделата на Твитер напиша „Ние сме на вистинското место, онаму каде каде што сакаме да бидеме со Кина.“

Претседателот Трамп во петокот речиси двојно ги зголеми тарифите на 200 милијарди долари кинески производи, зголемувајќи ја стапката од 10 на 25 проценти.

Администрацијата исто така најави дека може да наметне дополнителни царини за 300 милијарди долари кинески производи. Сепак, Кудлоу рече дека ќе бидат потребни месеци за целосно да се почувствува ефектот на царините.

Трговските разговори меѓу двете економски суперсили се со месеци. Последната средба во Вашингтон заврши без договор.

„Се движиме добро со конструктивни разговори и се` уште мислам дека е така“ рече Кудлоу. „Ќе продолжиме со разговорите, како што предложи претседателот".

Кудлоу рече дека Трамп и кинескиот претседател Ши Џинпинг најверојатно ќе разговараат за трговските прашања на самитот на Г-20 во Јапонија кој ќе се одржи на крајот од јуни.

САД тврдат дека Кина краде технолошки тајни и ги принудува американските компании да откриваат трговски тајни ако сакаат да произведуваат во Кина.

Во саботата Трамп посочи дека Пекинг можеби чека да види дали тој ќе победи на изборите следната година, но рече дека за Пекинг ќе биде „многу полошо“ за време на неговиот втор мандат во Белата куќа.

Претседателот Трамп посочи како да се избегнат царините за производите од Кина: „Направете ги вашите производи како во старите добри времиња, во САД. Тоа е многу едноставно!“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG