Кина соопшти дека биле „направени сите неопходни подготовки“ доколку САД воведат нови царини за кинески производи. Ова доаѓа во време кога главниот кинески трговски преговарач пристигна во Вашингтон на уште еден круг разговори со цел да се стави крај на трговската војна.
Вицепремиерот Лиу Хи денеска се среќава со претставникот за трговија на САД, Роберт Лајтизер и секретарот за финансии Стивен Мнучин. Средбата доаѓа на еден ден пред најавеното зголемување на царините од 10 на 25 проценти на кинески производи вредни 200 милијарди долари.
Претходно претседателот Доналд Трамп кажа дека царините ќе бидат зголемени и го обвини Пекинг дека не се придржува кон претходно договореното. Тој кажа дека Кина греши ако смета дека повторно ќе преговара за царините кога на власт во САД ќе биде администрација предводена од Демократската партија.
Во Пекинг, портпаролот на Министерството за трговија, Гао Фенг рече дека Кина е подготвена да постигне конечен договор со САД, но вели дека ќе остане цврсто против барањата на Вашингтон.
Администрацијата на Трамп се надева дека новите царини ќе донесат промени во кинеските практики на трговија субвенции и интелектуалната сопственост.
Двете страни не успеаја да постигнат договор поради разликите околу спроведувањето на договорот и временската рамка за отстранување на царините.
Facebook Forum