Американски сенатори бараат администрацијата на Обама да изврши притисок врз Кина да ја промени вредноста на валута. Тие предложија легислатива за казнување на Пекинг ако одбие да му ја зголеми вредноста на јуанот на светските пазари.
Некои законодавци велат дека не треба веќе да се чека и се залагаат за акција. Демократот од Мичиген Деби Стабеноу вели дека Кина намерно ја држи својата национална валута на ниско ниво: „Тоа треба да запре за да се создаде поле на кое ќе можеме повторно да работиме со таа земја“.
Стабеноу е една од сенаторите кои се залагаат за усвојување легислатива што ќе побара од администрацијата на Обама да воведе казни, ако Кина одбие да соработува.
Инаку предлогот дојде од сојузните држави кои се зависни од извоз. Но, со ова се согласуваат и голем број либерални и најконзервативни членови на конгресот.
Републиканецот од Канзас Сем Браунбек вели дека ова е прашање зад кое Сенаторите од опозиционите партии се обединети во фрустрацијата.
„Ако не го сторат тоа самите, ќе ги принудиме. Ќе воведеме механизам кој ќе овозможи компензациски обврски и тарифи по определен продолжен временски период, ако не се справат со ситуацијата, вели Браунбек.
Легислативата беше претставена од Републиканецот Линдзи Грам од Јужна Каролина и Демократот Чарлс Шумер од Њујорк. Тие претставија сличен закон пред неколку години, за кој сега признаваат дека бил симболичен обид да му се пренесе пораката на Пекинг.
Поднесувачите на легислативата соопштија дека разговарале за ова прашање со секретарот за финансии Тимоти Гајтнер. Портпаролот од Белата куќа Роберт Гибс беше прашан дали притисокот од Капитол Хил може да му даде на претседателот Барак Обама повеќе аргументи во дискусиите со Пекинг.
„Мислам дека најголемата моќ што ќе ја има претседателот во средбите очи-в-очи со лидерите во Пекинг е да им каже дека треба да имаат пазарно ориентиран пристап за нивната валута“, одговори Гибс.
Сенаторите кои стојат зад мерката велат дека таа ќе му помогне на претседателот да исполни едни од најголемите економски цели: удвојување на американскиот извоз во следните пет години.