Линкови за пристапност

Џонс: САД и Кина се на опасен пат кон судир по избувнувањето на Ковид-19


Пензионираниот американски генерал Џејмс Џонс не ја исклучува можноста дека Кина го измамила светот односно дека можеби намерно дозволила епидемијата да се претвори во пандемија

Во екот на пандемијата на Ковид-19, се повеќе аналитичари сметаат дека е дојдено времето за цивилизациски судир меѓу Кина и Западот. Повеќе не е во прашање економската глобализација во која има и „победници“, како и „губитници“ - велат експертите - туку во полн ек е борбата на Кина за остварување на технолошка, безбедносна и идеолошка доминација над Америка и нејзините западни партнери.

Сметам дека Кина беше и е целосно нечесна во поглед на коронавирусот од Вухан
Џејмс Џонс, Атлански совет - Вашингтон


Децениите на рекорден економски раст на Кина ја поттикнаа нејзината глобална аспирација на голема сила, без никаков значаен демократски напредок во државата, смета Џејмс Џонс, ветеран од областа на американската надворешна и безбедносна политика, кој во моментов го предводи влијателниот Атлански совет со седиште во Вашингтон.

Кина манифестира два јасни приоритети, прво на внатрешен, а потоа на глобален надворешно политички план, вели Џонс. Првата цел се спроведува на безмалку „орвеловски“ начин, додава тој: „Приоритетна цел на кинеската власт е целосна контрола над сопственото население. Ја користат најновата дигитална технологија. Воведоа поделба на населението по категории врз основа на кои, на пример, го потврдуваат државјанството, што пак влијае на работното место кое луѓето можат да го добијат, на можностите за патување и слично. Властите постигнаа огромен напредок во контролата на секој поединец, без оглед што тој или таа работат. Правецот во кој се движат е застрашувачки.“

Пензионираниот генерал, кој покрај останатото ја извршувал и функцијата на советник за национална безбедност во администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, вели дека Кина воопшто не ги крие своите надворешно политички амбиции и предупредува на кинеската стратегија на „тројански коњ“ во многу делови од светот.

„Тие продираат во економијата, купуваат се што можат, исплаќаат се што можат... државите добиваат економска помош и тогаш Кина започнува да ѝм поставува услови на владите“, објаснува Џонс.

Тој верува дека Г5 технологијата на кинескиот технолошки гигант Хуавеи му служи првенствено за потиснување на американското лидерство во областа на високата технологија, а со тоа и на статусот на САД како водечка технолошка и економска сила во светот.

„Кина засега напредува“, вели Џонс.

Десеттина држави во сите географски области договараат или имаат склучено договори со Хуавеи. „Кина има привлечна порака: Ние сме ефтини, доверливи сме, не ја условуваме нашата технологија“, вели Џонс.

Тие продираат во економијата, купуваат се што можат, исплаќаат се што можат... државите добиваат економска помош и тогаш Кина започнува да ѝм поставува услови на владите
Џејмс Џонс, Атлански совет - Вашингтон


Меѓутоа, по прашањето на Ковид-19, Кина изгледа ја покажува својата заднина. Џонс не ја исклучува можноста дека Кина го измамила светот, односно дека можеби намерно дозволила епидемијата да се претвори во пандемија, која веќе со недели се шири на сите континенти, најмногу на Запад - во Америка и Европа.

„Сметам дека Кина беше и е целосно нечесна во поглед на коронавирусот од Вухан. Терминот е прецизен“, рече тој.

Џонс се осврнува и на фактот дека со вирусот е тешко погоден просторот на Северноатланскиот сојуз: „Не сум се уште подготвен да тврдам дека станува збор за билошки напад на членките на НАТО, но предлагам Алијансата да почне да ги разгледува таквите прашања во еден поширок контекст. Можеби не е време за активирање на членот 5 (напад на една членка е напад на сите членки на НАТО), но и тоа може да се промени.“

Како што денеска наведува Њујорк Тајмс, американските безбедносни служби уште на почетокот на февруари ја предупредиле Белата куќа дека САД не можат да се потпираат на кинеските податоци за изработка на сопствен модел во борбата против вирусот.

Истите извори наведуваат дека споменатите контраразузнавачки податоци, биле главна тема во минатонеделниот телефонски разговор на претседателот Доналд Трамп со кинескиот претседател Кси Џингпинг, после кој двете страни ги засилиле меѓусебните обвинувања.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG