Американскиот претседател Барак Обама на кинескиот претседател Ху Џинтао во Вашингтон му рекол да усвои попазарно ориентирана разменска вредност на кинеската валута.
Пред официјалното отварање на американскиот нуклеарен Самит, Ху рекол дека Кина цврсто стои на сопствената траса на реформирање на националната валута, јуанот.
Официјалната кинеска новинска агенција Ксинхуа пренесе дека Ху на Обама му рекол оти зголемувањето на вредноста на јуанот нема да го реши проблемот со невработеноста во САД ниту пак ќе го намали трговскиот дефицит меѓу Вашингтон и Пекинг.
САД велат дека контролирањето на кинеската валута ја држи вредноста на јуанот на вештачки ниско ниво, што ги прави кинеските производи поефтини на глобалниот пазар. Обама вели дека меѓународните пазари треба да одредат колкава ќе биде вредноста на јуанот.