Линкови за пристапност

Нема можност за државјанство за децата што сами илегално влегуваат во САД


Деца што илегално имигрирале во САД, во прифатен центар во Аризона
Деца што илегално имигрирале во САД, во прифатен центар во Аризона

Вашингтон во отворено писмо им порача на родителите од Централна Америка да не им веруваат на шверцерските мрежи.

САД им порачаа на родителите од Централна Америка дека не постои можност илјадниците деца, што сами илегално влегле во САД во обид да избегаат од сиромаштијата и криминалот, да добијат државјанство.

Во отворено писмо до родителите објавено во медиумите на шпански јазик, секретарот за домашна безбедност Џе Џонсон подвлекува дека на 47.000 деца што ја минале границата годинава не им биле издадени дозволи за престој. Повеќето од нив се од Хондурас, Салвадор и Гватемала, а влегле во САД преку Мексико.

Џонсон наведува дека властите планираат да ги депортираат децата што во моментов се во САД на неколку локации, чекајќи на имиграционите судии да ги разгледаат нивните случаи. Иако Џонсон не наведува во писмото, на некои од децата можеби ќе им биде дозволено да останат, во случај нивните родители веќе да се во САД.

Секретарот за домашна безбедност вели дека „е разбирлива желбата за подобар живот во САД“, но додава дека ризиците од илегалната миграција „се далеку поголеми“. Тој им порачува на родителите дека е опасно да ги испраќаат децата на патешествие до САД и дека на криминалните шверцерски мрежи не им е грижа за нивната безбедност. „Вашето дете за нив е стока што ќе ја разменат за пари“, вели Џонсон.

Според проценките, во САД во моментов се наоѓаат 11 милиони илегални имигранти, а имиграционата политика е прашање што предизвика политички спорови. Минатата година, Сенатот одобри реформи што со текот на времето би им овозможиле на илегалните имигранти да станат американски државјани, но легислативата заглави во Претставничкиот дом.
XS
SM
MD
LG