Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека Гватемала се подготвува да потпише договор, што ќе ги принуди мигрантите кои избегале од прогон во Ел Салвадор и Хондурас да побараат азил во Гватемала наместо во Мексико или САД.
Делегација на Стејт департментот минатата недела беше во Гватемала да побара дозвола за „безбеден протокол од трета држава“, кој ако се потпише, ќе биде прв договор од таков вид меѓу САД и држава од Латинска Америка.
Сепак, засега нема јавна индикација од Гватемала дека договорот е близу до потпишување.
Трамп, пак, на Твитер го пофали Мексико за користење на неговите строги имиграциони закони, и за помошта да се стопираат луѓето уште пред да тргнат кон јужната американска граница.
Тој, исто така, рече дека од следната недела пограничните и имиграционите офицери на САД ќе почнат да ги депортираат оние што нелегално влегле во државата.
Вчера, пак, администрацијата на Трамп најави планови за кратење стотици милиони долари помош за Ел Салвадор, Гватемала и Хондурас.
Портпаролот на Стејт департментот Морган Ортагус рече дека фондовите за програмите во овие држави нема да бидат обезбедени се` додека администрацијата не е задоволна од мерките што овие држави ги преземаат да го намалат бројот на мигранти што доаѓаат во САД.
Законодавците, пак, бараат администрацијата да не ја крати помошта, бидејќи стравуваат дека тоа ќе доведе до зголемена сиромаштија, политичка нестабилност и генерална несигурност во овие држави.
Според нив, овој потег ќе биде контрапродуктивен и ќе доведе до поголем број мигранти, наместо тој број да се намали.
Facebook Forum