Линкови за пристапност

Белата куќа се откажа од поставување на прашање за државјанството на пописот во САД


Врховниот суд донесе одлука против барањето на администрацијата за вклучување на прашањето на државјанството во пописот

Администрацијата на Трамп во вторникот се откажа од планот да го вклучи прашањето за државјанството на пописот предвиден за 2020 година.

Тоа значи дека Бирото за попис на населението во САД сега може да почне со печатење на формуларите кои ќе бидат испратени до повеќе од 100 милиони американски домови откако Трамп се интересираше дали пописот на населението кој се изведува еднаш на десет години може да биде одложен. Доцнењето би значело прекршување на федералниот закон.

Пописот е важен бидејќи со него се одредува колку места во Конгресот се доделуваат на секоја држава и како се дистрибуираат стотици милијарди долари федерални пари.

Врховниот суд донесе одлука со 5 наспрема 4 гласови против барањето на администрацијата за вклучување на прашањето на државјанството во пописот.

Адвокатите од Одделот за правда тврдеа дека прашањето за државјанството е потребно за да се помогне во спроведувањето на законите за заштитата на гласачките права на малцинствата.

Главниот судија Џон Робертс застана на страната на четирите либерални судови и напиша за мнозинството дека аргументот бил „измислен“ и не ги исполнил стандардите за јасно објаснување зошто администрацијата сакала да преземе такви акции.

Критичарите велат дека прашањето за државјанството би ги заплашило малцинствата и имигрантите да ги пополнат формуларите.

Секретарот за трговија Вилбур Рос изјави дека не се согласува со одлуката на Врховниот суд, но дека ќе ја почитува и дека е започнат процесот на печатење за потребите на пописот.

Американскиот претседател Трамп, исто така, изрази незадоволство пописот да продолжи без посакуваното прашање за државјанството.

„Многу тажно време за Америка штом Врховниот суд на САД не дозволи прашањето „Дали ова лице е државјанин на САД?“ да биде поставено на пописот во 2020“, напиша Трамп во порака на Твитер.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG