Се проценува штетата во двете оддалечени пустински области во Калифорнија кои неделава беа погодени од два големи земјотреси.
Земјотрес со јачина од 7.1 степени ги потресе Риџкрест и соседната област Трона кои се наоѓаат во пустината Мохаве. Ден претходно истата област беше погодена со земјотрес од 6.4 степени.
Областа е околу 240 километри североисточно од Лос Анџелес каде исто така се проценува штетата.
Според Геолошкиот институт на САД постои шанса од еден процент дека во следната недела во областа ќе се случи друг земјотрес со јачина од 7 или повеќе степени.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом прогласи вонредна состојба во областа и ги предупреди локалните власти да ги зајакнат системите за алармирање и стандардите за градба.
Гувернерот Њусом ја процени штетата на повеќе од 100 милиони долари и рече дека претседателот на САД Доналд Трамп го повикал за да понуди федерална поддршка во обновата.
Facebook Forum