Повеќе од шест месеци откако објави дека се повлекува од кралските должности „во догледна иднина“, принцот Ендрју, кој има репутација на омилен син на англиската кралица Елизабета, повторно е актуелен - сега привлекувајќи негативно внимание поради пријателството со сега починатиот осуден сексуален престапник и осрамотен финансиер Џефри Епстајн.
Трансатлантскиот спор меѓу американските обвинители и принцот Ендрју кој започна во јануари ескалираше оваа недела, откако федералните обвинители официјално побараа да го интервјуираат принцот за неговите врски со Епстајн, повикувајќи се на ретко користен правен механизам за тоа.
Милијардерот беше пронајден мртов минатата година, обесен во затворска ќелија во Њујорк, каде беше затворен поради нови обвиненија за трговија со 14 годишни девојчиња заради сексуални односи. 60-годишниот принц бил долгогодишен пријател на милијардерот за кого властите велат дека го искористил неговото огромно богатство за да злоупотребува малолетни девојчиња.
Формално правното барање за интервју лице во лице го принуди принцот, познат и како Војводата од Јорк, да ангажира адвокати, зајакнувајќи го со повеќе адвокати и советници од висок профил веќе моќниот правен тим. Тоа е знак, вели висок претставник на Бакингамската палата за Гласот на Америка, дека британското кралско семејство очекува законскиот спор да се влоши.
Милијардерот Епстајн беше пронајден мртов минатата година во затворска ќелија во Њујорк, каде беше задржан поради нови обвиненија за трговија со 14 годишни девојчиња заради сексуални односи.
На прашањето за време на интервју за „Фокс њуз“ во понеделникот дали Соединетите американски држави официјално побарале од Велика Британија да го предаде војводата, американскиот главен правобранител, Вилијам Бар, рече дека нема планови да се бара екстрадиција на принцот. „Мислам дека е само прашање тој да обезбеди некои докази “, рече тој.
Адвокатите на принцот велат дека Ендрју секогаш бил подготвен да одговори на сите прашања што ги имаат федералните обвинители испитувајќи ја историјата на сексуалната злоупотреба на Епстајн и можно соучесништво на други лица.
Но, Одделот за правда на САД се повика на Договорот за заемна правна помош на САД со Велика Британија за да побара официјално интервју лице-в-лице со принцот. Според извештаите на британските медиуми, принцот само понудил да обезбеди писмени одговори на прашањата поставени од федералните обвинители, и тоа не под заклетва.
Принцот јавно негираше какви било злоупотреби и ги отфрли обвиненијата дека имал секс со наводна жртва на Епстајн, Вирџинија Робертс Гуфре, во апартмани на милијардерот во Лондон, Њујорк и на Карибите кога таа била тинејџерка.
Веста за официјалното правно барање во понеделникот предизвика војна на зборови помеѓу правниот тим на Ендрју и федералните обвинители во Њујорк.
Адвокатите на принцот го обвинија Одделот за правда дека се однесува како принцот да е осомничен, а не само можен сведок. Тие посочуваат дека Одделот за правда досега ги советувал дека Ендрју не е и никогаш не бил „мета“ на кривичните истраги за Епстајн.
Адвокатите на Ендрју велат дека тој ја понудил својата помош како сведок и тврдат дека Одделот за правда ги прекршил правилата за доверливост зборувајќи јавно за тековните правни преговори.
„Војводата од Јорк, барем во три наврати оваа година ја понуди својата помош како сведок на Одделот за правда. За жал, Одделот за правда реагираше на првите две понуди со кршење на сопствените правила за доверливост и тврдејќи дека војводата понудил нула соработка. Правејќи го тоа, тие можеби бараат публицитет наместо да ја прифатат понудената помош“, се вели во соопштението на правниот тим на принцот.
Во март, Џефри Берман, американски правобранител во јужниот округ на Њујорк, го обвини војводата дека „целосно ја затворила вратата“ за соработка. А во понеделникот го повтори обвинението, „обвинувајќи го Ендрју дека уште еднаш бара лажно да се прикаже себеси како желен и подготвен да соработува со тековната кривична истрага за престапите извршени од Џефри Епстајн и неговите соработници “.
Берман додаде: „Принцот не даде интервју за федералните власти, постојано го одбиваше нашето барање да закажеме такво интервју, а пред скоро четири месеци недвосмислено нè извести дека не би влегол во едно такво интервју. Ако принцот Ендрjу е, всушност, сериозен во соработката со тековната федерална истрага, нашите врати остануваат отворени и чекаме да каже кога треба да го очекуваме“.
Адвокатка која застапува неколку од жртвите на Епстајн го обвини принцот дека се вклучил во игра на мачки и глувци. „Одбивајќи доброволно да одговори на прашањата поставени од полицијата (или приватните адвокати на жртвите) принцот Ендрју покажа непочитување кон жртвите и нивната потреба да ја знаат вистината“, рече Глорија Алред.
Ако официјалното барање на обвинителство го одобрат британските власти, тие би можеле да побараат од војводата доброволно да присуствува на бараното интервју. Тие, исто така, би можеле да побараат Ендрју на суд да даде усни или писмени докази под заклетва. Ако тој одбие, со закон може да биде побарано неговото присуство, велат правните аналитичари.
Пријателството на Ендрју со Епстајн за прв пат го привлече вниманието на јавноста во 2010 година, кога се појавија фотографии на двајцата пријатели заедно во Њујорк во време кога Епстајн веќе беше регистриран сексуален престапник.
Принцот, кој во минатото привлекуваше внимание со непристојни пријателства и забави кога бил помлад, во интервјуто за Би-Би-Си минатата година изјави дека само го посетил Епстајн во тоа време за да му каже дека нивното пријателство е завршено.
45-минутното телевизиско интервју, во кое тој не успеа да изрази сочувство кон тинејџерките за кои беше посочено дека биле тргувани и експлоатирани од Епстајн, беше широко осудено во Велика Британија и во странство и предизвика реакција од бизниси кои ги спонзорираат неговите добротворни цели.
Непосреден резултат на ова беше најавата на Ендрју дека се повлекува од кралските должности - потег на кој, наводно, инсистирал неговиот постар брат, принцот Чарлс, очигледен наследник на Велика Британија, за време на семеен собир на која учествувале кралицата Елизабета и постариот син на Чарлс, Вилијам.
Анкетата за испитување на јавното мислење по интервјуто покажа дека само 6 проценти од британската јавност верува во одрекувањата на принцот.
Интервјуто ги алармираше кралските кругови кои стравуваат дека тој предизвикал зголемен интерес на јавноста за неговите врски со Епстајн. Принцот ѝ кажал на својата мајка по снимањето дека тоа било „успех“, според извештаите на локалните медиуми.
Facebook Forum