Линкови за пристапност

САД обвинија шестмина босански имигранти за вмешаност во терористички активности

Членови на семејството и пријатели на Медиха Меди Салкичевиќ, којашто е меѓу шестмината босански имигранти обвинети во САД
Членови на семејството и пријатели на Медиха Меди Салкичевиќ, којашто е меѓу шестмината босански имигранти обвинети во САД

Наводно праќале пари и опрема на терористи во странство, а меѓу нив и на припадници на Исламската држава во Ирак и Сирија

Американскиот Оддел за правда обвини шестмина босански имигранти за обид да испратат пари и опрема на терористи во странство, а меѓу нив и на припадници на Исламската држава во Ирак и Сирија.

Во федералното обвинение, обелоденето на 6-ти февруари годинава, двајца од шестмината се товарат за заговор за убиство и осакатување на лица во странска земја. Според обвинителниот акт, заговорот датира уште од мај 2013-та.

„Обвиненијата и апсењата ја подвлекуваат нашата решеност да ги идентификуваме и да земеме на одговорност поединците коишто во САД кои се обидуваат да пружат материјална поддршка за терористите и нивните операции во Сирија и Ирак“, изјави американскиот помошник-главен обвинител Џон Карлин. „Спречувањето на набавки, пари и персонал за странските терористички организации како Исламската држава останува приоритет“, рече Карлин.

Сите шест лица живеат во САД легално, во три различни сојузни држави: Њујорк, Илиноис и Мисури. Тројца станале државјани, а другите тројца имале или статус на бегалци, или пак зелени карти. Петмина од нив биле во САД и се уапсени. Шестиот бил во странство, но според дел од медиумските извештаи, бил убиен минатата година.

Пари и армиска опрема

Во обвинението стои дека осомничените во Турција испраќале пари преку Пејпал, а купувале и праќале и американски воени униформи, чизми, облека и опрема за тактички операции, опрема од воени отпади, придружни средства за огнено оружје, нишани за пушки и материјал за прва помош.

Опремата и парите стигнале до борците во Сирија, Ирак и на други места, а биле испраќани и пари до членови на нивните семејства.

Обвинението наведува дека осомничените биле свесни каде одат парите и опремата и дека преку телефон и Фејсбук испраќале и примале пораки, користејќи лажни имиња и шифри како „Лавови“, „Босански браќа“, „муџахедини“ и „маченици“, како и „плажа“ - асоцијација за места во Ирак и Сирија.

Обвинетите се 40-годишниот Рамиз Зијад Хоџиќ, неговата сопруга Седина Ункиќ Хоџиќ (35) и Армин Харчевиќ (37), сите од Сент Луис, Мисури; Нихад Росиќ (26) од Јутика, Њујорк; и Медиха Меди Салкичевиќ (34) и Јасминка Рамиќ (42) од Шилер Парк и Рокфорд, Илиноис.

Доколку бидат осудени за заговор за обезбедување на материјална поддршка и давање на таква поддршка на терористи, овие лица може да добијат доо 15 години затвор за секоја точка посебно и и парична казна до 250.000 долари. Рамиз Зијад Хоџиќ и Нихад Росиќ се обвинети и за заговор за убиство и осакатување на лица во странство и доколку бидат осудени, се соочуваат со доживотна казна затвор.

Менсур Хатиќ, водач на босанската заедница во Сент Луис и сопственик на радио и ТВ-станица во Босна, за босанската редакција на Гласот на Америка изјави дека сопружниците Хоџиќ биле под надзор на ФБИ уште од 2013-та.

„Хоџиќ дојде во САД пред 10 години, страдајќи од посттрауматски стрес. Тој учествувал во војната во Босна од 1992-ра до 1995-та во Теслиќ каде што бил одликуван со орден за храброст. Конзумирал големи количини на алкохол неколку години откако дошол во САД, но последниве години прекинал и на сопругата и ќерката им наредил да носат хиџаб. Но, не знаевме дека бил вмешан во оваа мрежа на поддржувачи на Исламската држава“, вели Хатиќ.

This item is part of
XS
SM
MD
LG