Полицијата во Њујорк денеска рано наутро презеде сомнителен пакет од долен Менхетн.
Медиумите цитираат полициски претставници кои што велат дека пакет, сличен на оние кои се упатени до истакнати демократи, е испратен и на адреса на ресторанот кој што е во сопственост на актерот Роберт Де Ниро. Пакетот со специјално возило е пренесен на испитување.
Најновиот развој на настаните следи откако од вчера американските истражни органи работат на откривање кој е одговорен за испраќањето на експлозивни направи преку пошта до голем број актуелни и поранешни владини претставници од висок ранг, како и до CNN.
Директорот на Федералното биро за истраги, Кристофер Вреј, рече дека истрагата е највисок приоритет на ФБИ откако властите открија дека некој испратил рачно изработени бомби до поранешниот претседател Барак Обама, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и други истакнати демократи.
„Со сите ресурси на ФБИ и заедно со нашите партнери во рамките на Заедничките антитерористички сили ќе продолжиме да работиме на откривање и апсење на секој кој е одговорен“, вели Вреј во соопштението.
Претседателот Доналд Трамп во средата изјави дека целењето на владини претставници „е напад врз нашата демократија“. Во четврток наутро, тој рече дека „многу голем дел од гневот што го гледаме денес во нашето општество е предизвикан од намерно лажно и неточно известување на меинстрим медиумите, што јас го нарекувам лажни вести.“
Во средата, лидерите на двете најголеми партии повикаа на враќање на цивилизираноста на политичката сцена, тема на која Трамп говореше на прес конференција.
„Никој не треба безгрижно да ги споредува политичките противници со историски негативци, што се прави често и цело време. Тоа мора да престане“, рече претседателот. „Не смееме да напаѓаме луѓе на јавни места или да ја уништуваме јавната сопственост. Има начин да ги решиме несогласувањата - тоа се нарекува мирно, во гласачката кутија. Тоа е она што го сакаме.“
„Медиумите исто така имаат одговорност да постават цивилен тон и да го запрат бескрајното непријателство и постојаната негативност, а често пати и лажни напади“, рече тој.
Претседателот на CNN Џеф Цукер соопшти дека членовите на администрацијата на Трамп имаат „целосен недостаток на разбирање“ за сериозноста на нивните чести напади на медиумите.
Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс одговори на Твитер, обвинувајќи го Цукер дека предизвикива поделеност.
Досега се откриени девет сомнителни пакети.
Такви пакети беа испратени и до поранешен јавен обвинител, член на Конгресот на Демократската партија и поранешен директор на ЦИА, сите истакнати критичари на Трамп.
Ненси Пелоси, лидерка на малцинството во Претставничкиот дом и водачот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, првите двајца демократи во Конгресот, во средата попладне излегоа со соопштение обвинувајќи го Трамп за разгорување на политички немири.
Во рок од неколку часа откако американската Тајна служба во средата соопшти дека пресретнала еден пакет испратен до Клинтон во Њујорк и еден до Обама во Вашингтон, Тајм Ворнер центарот во Њујорк, каде што CNN има студија беше евакуиран бидејќи во поштата беше пронајден сомнителен пакет упатен до поранешниот Директорот на ЦИА, Џон Бренан.
Уредот кој беше во плик безбедно беше пренесен во посебен камион до градскиот полициски оддел за бомбашки напади. Бренан, до кого беше адресиран пакетот, е коментатор на мрежата MSNBC, конкурентен кабелски оператор на вести.
Претставници на полицијата во Њујорк соопштија дека веројатно се работи за жив експлозивен уред, а пакетот во кој се наоѓал, исто така, содржи и бел прав.
Сите други сомнителни пакети, исто така, содржеле печатена ознака со име и адреса на конгресменка како испраќач.
Тајната служба соопшти дека пакетот упатен до Клинтон бил откриен доцна во вторникот, откако бил пресретнат во објект за скрининг на пошта во близина на нејзиниот дом во предградие на Њујорк, каде што живее со сопругот, поранешниот претседател Бил Клинтон.
Хилари Клинтон во средата им се заблагодари на „мажите и жените на тајната служба кои го пресретнале пакетот“. Таа рече дека нејзиното семејство е добро, но истакна дека ова е вознемирувачко време на длабоки поделби во земјата.
Посебен пакет упатен до Обама, според Тајната служба, бил пресретнат во објект за скрининг во базата Анакостија-Болинг, воен објект на 365 хектари во Вашингтон.
До конгресменката Максин Вотерс од Калифорнија испратени се два сомнителни пакети, еден наменет за нејзината канцеларија во главниот град на државата, а другиот за нејзината канцеларија во округот. Првиот пакет бил пресретнат во конгресниот центар за сортирање пошта во државата Мериленд, а вториот бил откриен од страна на поштенските инспектори во Лос Анџелес.
Првиот пакет во серијата експлозивни направи бил пронајден во понеделникот во поштенското сандаче пред домот на филантропот Џорџ Сорос, еден од покрупните донатори на демократски кандидати.
Од Тајната служба соопштија дека пакетите веднаш биле идентификувани при редовна процедура на скенирање на поштата како потенцијални експлозивни направи и соодветно било постапено со нив. Обама и Клинтон не ги добиле пакетите, ниту пак биле изложени на ризик да ги добијат.
Facebook Forum