Линкови за пристапност

Катала бил антизападно настроен, тврдат обвинителите


Припадници на обезбедувањето пред федераниот суд во Вашингтон, каде денес се одржа распит за притворот на Катала
Припадници на обезбедувањето пред федераниот суд во Вашингтон, каде денес се одржа распит за притворот на Катала

На обвинетиот за крвавите напади во Бенгази денес во федерален суд во Вашингтон му беше продолжен притворот.

Милитантот обвинет за крвавиот терористички напад врз американски објекти во Бенгази, Либија, бил мотивиран од својата екстремна антизападна настроеност, наведуваат американските обвинители. Тие денес во Федералниот суд во Вашингтон изложија дел од тврдењата против осомничениот Ахмед Абу Катала, по што судијата одлучи притворот да продолжи до почетокот на судењето.

Американски командоси го фатија Катала минатиот месец близу Бенгази. Тој е обвинет за убиство на амбасадорот во Либија, Кристофер Стивенс, и тројца други американски претставници, вечерта на 11-ти септември 2012-ра.

Адвокатот на Катала не се спротистави на продолжувањето на притворот за Катала. 43-годишниот Либиец ја следеше процедурата со слушалки на ушите, во коишто одеше превод на арапски. Тој пристигна во судот под силно обезбедување.

На првото појавување пред судот саботата, Катала се изјасни дека не е виновен.

Обвинителите тврдат дека Катала се раководел од екстремистичка идеологија, дека непосредно пред 11-ти септември 2012-та „изразил загриженост и противење на постоењето на американски објект во Бенгази“, како и дека бил командант во Ансар ал-Шарија, либиска екстремистичка паравоена формација, што САД ја означија како терористичка организација. Тој се товари и дека бил меѓу 20-те лица вооружени со Калашникови, рачни гранати и рачни фрлачи што најпрвин го нападнале американскиот конзулат. САД тврдат дека истите лица потоа нападнале објект на ЦИА.

Деталите за нападот играат спорна улога во американската политика. Владата на претседателот Барак Обама првично тврдеше дека нападите во Бенгази - на годишнината од терористичките напади врз САД на 11-септември 2001-вата, кога загинаа речиси 3.000 лица - се изродиле од протестите поради видео со антимуслиманска содржина, објавено на Интернет. Но, подоцна изјавија дека се работи за терористички напад.

Нападот се случи два месеца пред Обама повторно да биде избран за претседател. Републиканците тврдат дека тој сакал да ја минимализира можноста дека се работи за терористички напад, за да ги задржи шансите за реизбор. За случајот се одржаа бројни конгресни распити, а претстои нов во наредните неколку недели.

XS
SM
MD
LG