Ова ќе биде драматичен ден во американскиот Конгрес. Главниот правобранител на САД Вилјам Бар денеска ќе одговара на прашања од законодавците по објавувањето на извештајот на Роберт Мулер за мешањето на Русија во американските претседателски избори во 2016 година.
Бар денеска ќе се сретне со Комисијата за правосудство предводена од демократите, при што тој несомнено ќе се соочи со прашања во врска со напис објавен доцна во вторникот во Вашингтон пост дека Мулер контактирал со него за да влијае да ги објави резимеата на извештајот напишани од неговиот тим .
Бар наместо тоа објави кратко резиме на извештајот од 400 страници, заклучувајќи дека Трамп не ја попречувал правдата, бидејќи не бил вклучен во „криминалот“ во врска со руското мешање во изборите.
Но, Мулер рече дека резимето на главниот правобранител не успеало да го опфати целосниот „контекст, природата и суштината“ на заклучоците на истрагата.
Бар подоцна одржа прес-конференција за неговите наоди.Тој рече дека извештајот го ослободува претседателот од соработка со Москва и заклучил дека Трамп немал „коруптивна намера“ да ја попречи истрагата.
Но, Мулер наведе 11 случаи на можна опструкција на истрагата од страна на Трамп, велејќи дека „иако овој извештај не заклучува дека претседателот извршил злоупотреба, тој исто така не го ослободил“.
Демократите рекоа дека сакаат да го преиспитаат Бар за тоа како стигнал до одлуката дека немало опструкција.
Facebook Forum