Линкови за пристапност

Шестмина полицајци обвинети за смртта на Фреди Греј


Oбвинителката Мерилин Мосби
Oбвинителката Мерилин Мосби

Медицинскиот иследник заклучил дека неговото починување во полициски притвор претставува убиство, соопшти главната обвинителка во Балтимор

Главната обвинителка во Балтимор, сојузната држава Мериленд, денес објави дека се обвинети шестмина полицајци коишто биле вклучени во апсењето на Фреди Греј, како и дека медицинскиот иследник заклучил дека неговата смрт додека бил во полициски притвор претставува убиство.

Обвинителката Мерилин Мосби кажа дека Греј на 12-ти април претрпел тешка и критична повреда на вратот за време на транспортот во полициско комбе. Таа рече дека Греј не бил врзан со сигурносен појас, како што налагаат правилата, и дека полицајците не побарале, ниту пак пружиле медицинска помош, дури ни кога Греј рекол дека му е потребна. Мосби го нарече самото апсење „незаконско“, додавајќи дека ножот којшто бил пронајден кај 25-годишниот Афроамериканец не бил автоматски и дека имал право да го носи согласно законот.

„Апсолутно од витално значење е вистината да излезе на виделина за тоа што се случило со господинот Фреди Греј“, порача претседателот Барак Обама од Белата куќа откако беше соопштена веста за обвиненијата. Тие вклучуваат убиство од втор степен против еден од полицајците, како и убиство од небрежност, физички напад од втор степен, несоодветно однесување на законска должност и неоправдано притворање.

Градоначалничката на Балтимор Стефани Ролингс-Блејк изјави дека „и` е мака и и` скршено срцето“. Таа информираше дека петмина од шестмината полицајци се во притвор и дека му наредила на полицискиот комесар веднаш сите да ги суспендира.

„Знаеме дека огромното мнозинство на членовите на Полициската станица во Балтимор со гордост, храброст, чесност и истакнување служат на нашиот град, но на оние коишто ќе посакаат да се вклучат во насилство, несоодветен однос, расизам и корупција, јасно им порачувам дека во полициската станица нема место за вас“, рече таа, ветувајќи дека „правдата ќе биде задоволена“.

Денешното објавување на обвиненијата уследи по широкораспространети поплаки во врска со смртта на Греј – најнов случај во серијата наводни полициски насилства против црнци, што предизвика протести и повици за правда ширум САД.

XS
SM
MD
LG