Американскиот сенатор Џон Мекејн им порача на балтичките лидери дека во случај на руска агресија може да се надеваат на поддршката од САД, и по доаѓањето на администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Мекејн денес во Талин, Естонија изјави дека не очекува какво било олеснување на санкциите кон Русија, по анексијата на Крим во 2014-та година.
„Мислам дека присуството на американска војска во Естонија е сигнал дека веруваме во она што веруваше Роналд Реган, а тоа е мир преку сила“, рече сенаторот од Аризона, кој е во посета на трите балтички држави, заедно со републиканскиот сенатор Линдзи Грам.
Тој додаде дека „најдобар начин да се спречи руска агресија е кредибилна и силна војска, како и цврста НАТО алијанса, во која Естонија преставува многу важен дел“.
Лидерите на Естонија, Латвија и на Литванија се исплашени од руско заземање на пограничните региони во Украина и во Грузија, како и поради зголемување на московското оружје близу нивните граници, во Калинградската област.
Поранешниот амбасадор на Литванија во САД Зигмантас Павилионис, за Ројтерс изјави дека балтичките лидери се загрижени поради позитивните јавни коментари на Трамп за рускиот претседател Владимир Путин.
Мекејн и Грам утре и во четврток ќе ги посетат Латвија и Литванија.