Иако во последно време расистите и ултра-националистите се повидливи во американската јавност, воените команданти излегоа со јасен став дека за таквите не треба да има место во армиските редови.
Силната осуда на нетолеранцијата и расизмот е клучна порака за оние во униформа, велат воените експерти и ветераните за истапувањето на командантите на американската копнена армија, морнарица, воздухопловство и маринските единици кои заеднички го осудија насилството во Шарлотсвил, Вирџинија.
„Ова е важно. Командантите треба да покажат дека она што се случуваше во Шарлотсвил, нема место во културата на вооружените сили“, вели Питер Мансур, пензиониран полковник и професор по воена историја на Државниот универзитет во Охајо.
„Пораката беше јасна“, се согласува Стивен Леoнард, пензиониран полковник, кој сега предава на Универзитетот во Канзас. „Ако не можете да ги почитувате вредностите на нашите институции, тогаш немате место во нив“, вели тој.
Одделот за одбрана на САД забранува активно застапување на расистички, екстремистички или криминални каузи. Ваквиот престап може да резултира со отпуштање од воената служба.
Иако армијата е една од социјално најкохезивните заедници во САД, сепак има проблем со екстремисти во нивните редови. Неколкумина сегашни лидери на расистички организации служеле во армијата, а во последниве години ветерани извршиле кривични дела поттикнати од омраза.
Армијата призна дека има проблем, особено по 1995-та година, кога ветеранот Тимоти Мегвеј разнесе федерална зграда во Оклахома Сити, сојузната држава Оклахома, при што загинаа 168 лица.
Пентагон започна со кампања против милитантите. Има напредок, велат од Southern Poverty Law Center, организација за следење на групите за омраза во САД. Сепак, по помалку од една деценија, стандардот бил изгубен, затоа што армијата морала да регрутира војници за да ги задоволи потребите во војните во Авганистан и Пакистан, се наведува во извештаите на оваа организација, објавени во 2006-та и 2012-та година.
Според Southern Poverty Law Center, некои криминални банди и бели националистички групи ги охрабруваат приврзаниците да служат во армијата. Националистичките групи се залагаат за „расна војна“ против Афро-американците, Евреите и другите малцинства, и сакаат нивните членови да знаат да ракуваат со оружје и да имаат тактичко искуство.
„Тие ова го прават со години“, исто како и криминалните банди, вели Леонард. „Каде на друго место можете да ги добиете овие вештини?“
А таков регрут кој има верност кон група која шири омраза или банда, најверојатно ќе остане тивок.
Според Питер Мансур сепак е можно да се „преобратат“ луѓето со несакани убедувања, но клучот е секојдневно да се живее со тие вредности и во секоја можна прилика, тие да се моделираат.
Мансур, кој во 2003-та година бил бригаден командант во Ирак вели: „Ако во армиските редови имате поделба врз основа на боја на кожата, вера и пол, тоа е како рак што метастазира и предизвикува поделба. На крај ќе предизвика намалување на борбената ефикасност на единицата“. Затоа командантите ги обучуваат војниците од самиот почеток, дека сите заедно чинат едно, дека единствени се силни.
„Војската навистина прави огромни напори да предводи на патот на толеранцијата, меѓу што и прифаќање на хомосексуалците и лезбејките“, вели Маргарет Вит, пензионирана полковничка од воздухопловните сили, која сега работи како терапевт во Одделот за ветерани во Портланд, Орегон. Таа додава дека е потребно време да се сменат ставовите во една таква голема организација.
Facebook Forum