Линкови за пристапност

Проактивност, фокусираност, поддршка за решавање на спорот со името


Амбасадата на САД во Скопје
Амбасадата на САД во Скопје

Ова во одвоени изјави денес го порачаа американскиот амбасадор во Македонија и шефовите на дипломатиите на Австрија и Словачка.

САД преку својот дипломат во Македонија денес поддржаа што поскоро решавање на спорот со името.

„Ги поддржуваме дискусиите што ги води Македонија за сите прашања, особено за прашањето за името. Сите мерки или разговори кои може да ги придвижат двете страни напред и да ја подобрат атмосферата се позитивна идеја“.
Пол Волерс, амбасадор на САД во Македонија

„САД поддржуваат секакви позитивни идеи за приближување меѓу Македонија и Грција“, рече амбасадорот Пол Волерс, одговарајќи на прашањето - како гледа на листата на иницијативи за поттикнување на добрососедските односи со Грција и, конкретно, на прашањето за името.

„Ги поддржуваме дискусиите што ги води Македонија за сите прашања, особено за прашањето за името. Сите мерки или разговори кои може да ги придвижат двете страни напред и да ја подобрат атмосферата се позитивна идеја“, оцени Волерс.

„Важно е Македонија да не се опушта, туку да биде проактивна за името и да се воздржува од какви било провокативни активности кои би можеле да бидат искористени како изговор за нови блокирања“.
Михаел Шпинделегер, министер за надворешни работи на Австрија

Денес во Скопје со слични пораки дојдоа и шефовите на австриската и на словачката дипломатија.

„Важно е Македонија да не се опушта, туку да биде проактивна за името и да се воздржува од какви било провокативни активности кои би можеле да бидат искористени како изговор за нови блокирања. Постојат многу предизвици, но ние можеме да ве поддржиме во ЕУ ако вие ја завршите својата работа“, рече шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер.

„Ние сакаме Македонија да биде следната земја која ќе ги започне преговорите со Унијата. Во тој контекст, важно е да се фокусирате на прашањата кои се под ваша контрола и вие можете да ги контролирате, а тоа се реформите и нивното целосно исполнување. Сакаме да ја зголемиме нашата поддршка за Македонија, но за тоа ни е потребна и вашата“.
Мирослав Лајчак, министер за надворешни работи на Словачка

Со сличен став и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак.

„Ние сакаме Македонија да биде следната земја која ќе ги започне преговорите со Унијата. Во тој контекст, важно е да се фокусирате на прашањата кои се под ваша контрола и вие можете да ги контролирате, а тоа се реформите и нивното целосно исполнување. Сакаме да ја зголемиме нашата поддршка за Македонија, но за тоа ни е потребна и вашата. Ние ви ги нудиме нашата помош и нашето искуство. Во однос на името, пак, направете сè што е потребно за да го надминете овој проблем со Грција“, рече Лајчак по средбата со неговиот домаќин, министерот Никола Попоски.

Атина и Скопје деновиве изразија подготвеност за решавање на проблемот, но истовремено разменија обвинувања дека одговорноста за неуспехот е кај другата страна.
XS
SM
MD
LG