Белата куќа соопшти дека во американска контратерористичка операција во јануари годинава случајно загинале двајца заложници на Ал-Каида на авганистанско-пакистанската граница, Американец и Италијанец. Според американски официјални лица, заложниците загинале во воздушен напад со беспилотно летало.
Претседателот Барак Обама лично се извини за случајот. Во официјалната изјава се истакнува „огромната жалост“ поради смртта на двајцата недолжни заложници, американецот Ворен Вејнстин и Италијанецот Џовани ло Порто. Обајцата работеле на проекти за помош во Пакистан.
„Како претседател и главен командант, преземам целосна одговорност за сите наши контратерористички операции, што значи и онаа којашто случајно ги однесе животите на Ворен и Џовани“, изјави Обама. „Од се` срце жалам што тоа се случи“.
Обама пред новинарите во Белата куќа изјави дека „врз основа на разузнавачките податоци што тогаш ги добивме, меѓу што и од стотици часови на надгледување, верувавме дека се работи за локација на Ал-Каида, дека таму нема цивили и дека не беше можно да ги заробиме овие терористи“.
Американски официјални лица наведуваат дека во истата операција бил убиен Ахмед Фарук, Американец за когошто Белата куќа вели дека бил на раководна функција во Ал-Каида. Според истиот извор, во одвоена американска операција во јануари бил убиен и Адам Гадан, Американец којшто бил портпарол на терористичката мрежа.
„И Фарук, и Гадан беа членови на Ал-Каида, но тие не беа посебна цел“, стои во изјавата на Белата куќа, како и дека немало „информација што укажувала дека тие биле присутни на локациите каде што биле извршени операциите“.
73-годишниот Вајнстин бил од предградие на Вашингтон. Тој работел како стручњак за развој на бизниси и бил договорен соработник на Американската агенција за меѓународен развој. Вајнстин престојувал во Пакистан речиси седум години кога грабнувачите во 2011-та упаднале каде што живеел и го заробиле.
Ло Порто бил грабнат во јануари 2012-та додека работел во Пакистан за германската група за помош Велтхунгерхилфе.