Линкови за пристапност

Пентагон ги поддржувал авганистанските сили и покрај кршењето на човековите права


Во нов извештај се критикува Одделот за одбрана на САД

Нови де-класифицирани истражни документи покажуваат дека американската армија знаела за десетиците прекршувања на човековите права од страна на авганистанската армија и полиција, но искористила законска можност за да продолжи со финансирање на авганистанските единици.

Од 2010-та до 2016-та година, авганистанските сили биле вклучени во најмалку 75 нарушувања на човековите права, вклучувајќи убиства и сексуално злоставување на деца, се вели во новиот извештај од канцеларијата на Специјалниот инспектор за авганистанската реконструкција (СИГАР). Извештајот беше побаран минатата година од 93 членови на Конгресот, а декласифициран денес.

Според Законот Лехи, на Пентагон и на Стејт департментот им се забранува давање помош на странски армиски или полициски единици ако постои веродостоен доказ дека единиците извршиле масовно прекршување на човековите права.

Меѓутоа, клаузула од Актот за финансирање на Одделот за одбрана дозволува исклучок од ова правило, кога поддршката за единиците се смета од „важност за националната безбедност“.

Во извештајот се сугерира дека Конгресот може да го укине исклучокот, објаснувајќи дека Пентагон ја употребил клаузулата и му дозволил на секретарот за одбрана „да не се придружува до Законот Лехи“.

Пентагон не се согласува.

„Извештајот не го одразува разбирањето на предизвиците со кои се соочуваат американските сили во Авганистан во развојот и одржувањето на авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили“, рече претставникот на Пентагон Џедидаја Ројал, во одговорот на извештајот од минатата година.

Истрагата воедно предизвика загриженост за непријавените злоупотреби. Во извештајот се вели дека авганистански владин претставник изразил изненадување за малиот број пријавени случаи, истакнувајќи дека „најголемиот дел од случаите не се пријавени или истражени“, бидејќи полицијата не ги пријавува случаите во кои се вмешани нивни припадници, а поединци се плашат од одмазда ако пријават злоупотреби.

Според извештајот, 24 од 37-те интервјуирани поединци и организации, велат дека биле свесни за инцидентите за сексуалните напади врз деца или сродна експлоатација.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG