Линкови за пристапност

Во САД се помалку се посвојуваат деца од странство


Кина беше водечка земја од каде се посвојуваа деца во САД, но сега бројот на посвојувања е опаднат за 23 проценти

Бројот на деца од други земји посвоени од страна на лица во САД минатата година опадна за 14 отсто. Голем пад има во посвојувањата на деца од Кина, соопшти Стејт департментот.

Намалувањето на бројките го покажуваат трендот долг една деценија. Бројот на посвојувања од 12.753 во 2009 година во 2018 година паднал на 4.059.

Во годишниот извештај кој Конгресот го издаде во четвртокот, Канцеларијата за детски прашања при Стејт департментот намалениот број на посвојувања го поврзува со „подобрувањето на економските услови“, како и развојот на можности за постојани домови за децата во Кина.

Специјалната советничка за детски прашања на Стејт департментот, Сузан Лоренс, рече дека уште една причина за падот на бројките е кинеското законодавство за невладини организации.

„Законот за невладини организации не беше наменет конкретно да ги одреди давателите на услуги за посвојување. Тоа негативно влијаеше на многу агенции кои сметаат дека е многу тешко да се придржуваат кон сите прописи“, рече Лоренс на брифингот.

Кинескиот закон за странски невладини организации, кој стапи на сила на 1 јануари 2017 година, пропишува дека странските невладини организации, пред да отворат канцеларија во Кина, мора да се регистрираат во Министерството за јавна безбедност или во неговите еквиваленти на ниво на провинција.

На странските невладини организации им е дозволено да работат во областа на економијата, образованието, здравството и заштитата на животната околина, но „не смеат да ги загрозат националното и етничкото единство на Кина и нејзината безбедност. Исто така не смеат да ги повредуваат кинеските национални интереси и општествениот јавен интерес.

Одговарајќи на прашање од Гласот на Америка, Лоренс рече: „во нашата комуникација со давателите на услуги за посвојување активни во Кина, велат дека тоа многу влијае врз нивната способност да им помогнат на семејствата кои се заинтересирани за посвојување на дете од Кина.“

Кина со 1.475 посвојувања во 2018 година и натаму беше водечка земја од каде се посвојуваат деца во САД. Но, бројката на посвојувања во 2018 година е намалена од претходната за 655 посвојувања.

Индија (302), Украина (248) и Колумбија (229) беа следни на листата.

Посвојувањето на деца од Етиопија падна за 43 проценти, односно на 177 во 2018 година.

Парламентот на Етиопија во јануари го усвои законот за забрана на посвојување од странци. Критичарите се загрижени дека детските центри ќе бидат преоптоварени.

Во својот извештај, Стејт департментот наведува дека Етиопија изразила загриженост поради исчезнување на извештаи за посвојување, корупција и случаи на родители од САД кои ги вратиле посвоените деца во Етиопија.

Ваквите обиди за враќање на посвоените деца се меѓу трендовите кои извештајот ги посочува како фактор кој би можел да го поткопа процесот на посвојување во САД.

Причина за загриженост се и одредени неетички активности од страна на агенциите за посвојување. Стејт департментот ги повика другите земји да ги пријавуваат ваквите случаи.

Во извештајот се посочува дека билатералната и мултилатералната соработка се клучни во напорите можноста за меѓународни посвојувања да остане отворена за децата на кои им треба постојан дом.

Процесот се однесува и на деца од САД кои се посвоени од луѓе од други земји.

Нивото на посвојување на деца од САД останува константно. Во 2017 година биле посвоени 83 деца, додека во 2018 година 81 дете.

Канада е нов дом за 38 од овие деца. Следи Холандија каде нов дом нашле 20 деца и Мексико каде се посвоени девет деца.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG