Мисури е најновата сојузна држава која усвои рестриктивен предлог закон за забрана на абортусот. Одлуката е дополнителен поттик за националното движење против абортусот за кое републиканците се надеваат дека ќе доведе до преиначување на историската одлука од 1973-та година со која беше легализиран абортусот.
Сенатот во оваа сојузна држава предводен од републиканците гласаше со 24 наспроти 10 гласа за забрана на абортусите по осум недели од бременоста. Во легислативата има исклучок заради медицински причини, но не и за бременост од инцест или силување.
Предлогот треба да биде одобрен и во Претставничкиот дом на сојузната држава каде мнозинство имаат републиканците пред да оди на потпис кај гувернерот Мајк Парсон, кој исто така е од Републиканската партија.
Гувернерот Парсон веќе изрази поддршка за предлог законот.
Одлуката на Сенатот во Мисури дојде на неколку часа откако гувернерот на Алабама потпиша законот за речиси целосна забрана за абортусот.
Федерацијата за планираното родителство на Америка вети дека ќе ја оспори легислативата на суд. „Немаме избор“, кажа претседателката Лиана Вен, „Зборуваме за правата на генерациите што доаѓаат“ вели таа.
Поддржувачите велат дека предлог законот е дизајниран да предизвика судски постапки што би можеле да доведат до тоа Врховниот суд на САД да ја поништи одлуката од 1973-та година за легализирање на абортусот, позната како „Ројд против Вејд“
„Пресудата во судската постапка „Ројд против Вејд“ прекина живот на милион деца“ вели републиканскиот сенатор од Алабама Клајд Чемблис. „Овој закон има можност да спаси живот на милиони неродени од деца.“
Охрабрени од новите конзервативни судии во Врховниот суд, сојузните држави Кентаки, Мисисипи, Охајо и Џорџија одобрија забрани за абортус откако ќе се слушне срцево отчукување на фетусот, што може да се случи околу шестата недела од бременоста.
Спикерката на Претставничкиот дом, демократката Ненси Пелоси кажа дека напорите на републиканците ги саботираат правата на жените за здравствена заштита.
Facebook Forum