СКОПЈЕ – „ Владата наместо да пишува соопштенија и да негира се што ќе кажеме ние а не е воопшто во право треба да посвети малку енергија и да најде начин како да го реши овој проблем. Ако Владата сакаше дијалог досега ќе бевме седнати на маса и немаше да биде на улица“, порача претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски на третиот ден од протестите на вработените во седум министерства и два државни органи. Барањето останува исто, нови колективни договори и додаток на плата од 30 отсто како што веќе има во други министерства.
Претседателот на УПОЗ, Деаноски, кој вчера официјално се огради од поддршката на опозицијата, денес повтори дека вработените излегуваат на протест а не на штрајк како што тврдат од Владата и потврди дека во некои министерства имало притисок врз вработените да не го поддржат протестот но не откри во кои.
„Сакам да ја потсетам владата дека ова е протест а не штрајк иако владата секојдневно го кажува тоа. Штрајк значи неизвршување на работните задачи. Членовите на УПОЗ се одлучија да го изразат своето незадоволство токму преку получасовен протест за граѓаните и приватниот сектор не трпат никакви последици. Во неколку министерства да имаше притисок, но ќе одлучиме дали ќе кажеме и како ќе кажеме кој врши притисоци“, рече Деаноски.
Од Синдикатот, кој вчера се огради од поддршката на опозицијата, побараа Владата да престане преку соопштенија да обвинува и да го реши проблемот со вработените кои се во нерамноправен однос со другите државни службеници и нагласија дека овие прашања вооопшто не може да се дискутираат на седниците на Економско социјалниот совет.
„Мора да се знае дека на седница на ЕСС не може да се разговара за прашање на плати на Државен завод за статистка или министерства. На Седница на ЕСС се расправа и се решава за крупни прашања како Општ колективен договор и висина на минимална плата. Овие барања на вработените кои излегуваат на протест се решаваат или со ресорните министри или со согласност од финансии да ги користиме средствата“, појасни Деаноски.
Од Синдикатот соопштија дека и по истекот на законскиот рок околу илјада вработени во сите инспекторати не добиле плата и го вперија прстот во министерството за финансии.
Протестите почнаа бидејќи од министерството за финансии немаше дозвола за потпишување на нови колективни договори со кои вработените ќе добијат додаток од 30 отсто на плата а кои беа изработени заедно и со согласност од ресорните министри. Се протестира пред министерствата за култура, економија, шумарство, транспорт, правда, животна средина и дигитална трансформација како и пред државниот завод за статистика и државниот архив.