Линкови за пристапност

Унгарскиот премиер Орбан отпатува во Грузија по оспорените избори во државата


На фотографијата објавена на неговиот профилм на „X“ на 28 октомври 2024 година, унгарскиот премиер Виктор Орбан е виден како пристигнува во Тбилиси, Грузија.
На фотографијата објавена на неговиот профилм на „X“ на 28 октомври 2024 година, унгарскиот премиер Виктор Орбан е виден како пристигнува во Тбилиси, Грузија.

„Народот на Грузија знае што е најдобро за нивната земја“, напиша Орбан во неговата честитка за победата на „Грузиски сон“ на изборите за кои опозицијата вели дека се биле нарушени со прекршување на гласањето

ТБЛИСИ – Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пристигна во Грузија, откако и честиташе на владејачката партија за победата на изборите за кои опозицијата вели дека биле нарушени со прекршување на гласањето.

Изборна комисија на Грузија соопшти дека „Грузиски сон“ победи на изборите во саботата со речиси 54 отсто од гласовите, но опозициските партии ги оспорија резултатите и повикаа на протести.

Изборните резултати се удар за прозападните Грузијци кои гласаа како избор меѓу владејачката партија која ги продлабочи врските со Русија и опозицијата која има за цел да ја забрза интеграцијата со Европа.

Орбан во саботата и ја честиташе победата на партијата „Грузиски сон“.

„Народот на Грузија знае што е најдобро за нивната земја и го слушна својот глас денес!“ напиша тој на социјалната мрежа „Х“.

Орбан во посетата на Грузија беше придружуван од министрите за финансии, економија и надворешни работи на Унгарија.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска на „Фејсбук“ напиша дека изборниот резултат во Грузија е „грд пораз“ за либералите.

Унгарија – која моментално претседава со Советот на ЕУ – ги налути колегите членки на ЕУ и НАТО со нејзината решеност да одржува блиски врски со Русија и покрај инвазијата на Украина во 2022 година.

Европската унија, САД и НАТО повикаа на целосна истрага за наводните изборни нерегуларности. „Грузиски сон“ и изборната комисија велат дека изборите биле фер и демократски.

Претседателката на Грузија Саломе Зурабичвили резултатот го нарече „руска специјална операција“, и ја обвини владејачката партија дека прибегнува кон тактики и пропаганда од руски стил и ги повика Грузијците да излезат на улиците во понеделник навечер.

Кремљ негираше какво било руско мешање во гласањето, велејќи дека Западот, а не Москва, се обидува да ја дестабилизира ситуацијата.

Во јули, Орбан предизвика контроверзии кога патуваше на, како што ја опиша унгарската влада, „мировна мисија“ во Москва и Пекинг за време на унгарското претседателство без да се координира со нејзините партнери од ЕУ.

XS
SM
MD
LG