Линкови за пристапност

Глобалната невработеност – се влошува


Глобалната економија може да се поправа, но Меѓународната организација за труд вели дека невработени има се` повеќе.

Светската банка вели дека растежот во државите со високи примања ќе го поттикне глобалното економско опоравување – со растеж кој ќе се зголеми за 3,2 проценти во 2014, а потоа 3,5 проценти до 2015.

Но Меѓународната трудова организација на ОН вели дека таквата перспектива не се однесува на невработените во светот. Гај Рајдер е директор на организацијата:

„Цифрата за 2013 е дека има близу 202 милиони невработени во светот, а тоа е зголемување од речиси пет милиони од претходната година.“

Групата со седиште во Женева вели дека најголем дел од зголемувањето доаѓа од источна и јужна Азија, што претставува близу половина од новите баратели на работа, веднаш по суб-Сахарска Африка и Европа.

Кристина Лагард од Меѓународниот монетарен фонд вели дека растежот е премногу слаб да го поттикне вработувањето:

„Се` на се` насоката е позитивна, но глобалниот растеж е се` уште слаб, премногу кревок, и премногу нерамномерен. Уште повеќе, дури и ако е како што прогнозираме, не е доволно за креирање 200 милиони работни места за оние кои бараат работа во светот.“

Според сегашните трендови, организацијата вели дека невработени во светот ќе има уште 13 милиони до 2018-та, со растење на невработеноста кај младите речиси три пати побрзо:

„Младите се посебно жртви на невработеноста: 74,5 милиони на возраст меѓу 15 и 24 години се невработени, што е еден милион повеќе од претходната година.

На попозитивна нота, агенцијата на ОН вели дека бројот на сиромашните кои работат опаѓа. Но, околу 800 милиони работници, или повеќе од четвртина од светската работна сила, се` уште живеат на околу два или помалку долари дневно.
XS
SM
MD
LG