Во САД уште 1,4 милиони отпуштени работници поднесоа барања за надомест поради невработеност минатата недела, со што за прв пат од март оваа бројка да се зголеми во однос на претходната недела, објави денеска Одделот за труд.
Најновите бројки покажуваат дека најголемата светска економија се бори да ја поврати својата позиција во пресрет на новиот бран на пандемијата на коронавирусот во САД, при што и претседателот Доналд Трамп оваа недела призна дека веројатно состојбата ќе се влоши пред да се подобри.
Еднонеделен максимум од 6,9 милиони барања за надомест поради невработеност беше регистриран во март, но неодамнешниот просек од околу 1,4 милиони побарувања неделно останува историски висок.
Сè на сè, владата соопшти дека околу 16,2 милиони работници остануваат невработени дури и покрај тоа што милиони работници се вратиле на своите работни места. Вкупно 52,4 милиони работници примале надомест поради невработеност во одреден момент во последните четири месеци.
Милиони невработени се вратија на работа, но оние што остануваат без работа се соочуваат со нови финансиски тешкотии, при што државната поддршка од 600 долари неделно за невработените истекува за една недела.
Покрај тоа, економските експерти велат дека работодавците скратиле милиони работни места така што некои од работниците немаат каде да се вратат на работа, додека други работодавци трајно ги затвориле бизнисите.
Белата куќа и Конгресот размислуваат за дополнителна помош за отпуштените работници, но сè уште не се донесени конечни решенија.
Дополнителниот поттик за американската економија е веројатен, но републиканските законодавци сакаат да го ограничат тоа на околу еден трилион долари, додека демократите вршат притисок за околу три трилиони долари.
Помали федерални надоместоци за невработените - како 200 до 400 американски долари неделно - се можни до крајот на јули, но не е одреден број или датум колку долго ќе се продолжи со тоа.
Конгрес, исто така, може да испрати втора рунда помош во износ од 1.200 американски долари на повеќето даночни обврзници, дури и покрај тоа што некои републикански законодавци изразија загриженост за растечкиот национален долг на земјата кој сега изнесува повеќе од 26 трилиони долари.