Линкови за пристапност

ОН: На новинарите им треба поголема заштита


Обединетите нации велат дека алармантен број на новинари во светот секоја година се убиени и само мал број убијци се изведени пред правдата, заради што нуди план за безбедност на новинарите.

Американската новинарка Мари Колвин и францускиот фотограф Реми Оклик беа убиени во Сирија на 22 февруари.

Тие се меѓу 65-те новинари убиени во првите пет месеци на 2012. Според Швајцарската новинска агенција АТС ова е 50 проценти зголемување во однос на лани. Најмалку 15 жртви биле во Сирија, седум во Мексико и шест во Сомалија.

Најновиот извештај на групата Репортери без граници вели дека 163 новинари биле затворени во 2012.

„Аго ги погледнеме податоците до сега годинава, се чини дека и на ниво на затворање на новинарите и во смисла на загубени животи на новинари, соочени сме со сериозен проблем “, вели Кристоф Хајнс, специјален истражител во ОН за прашања како арбитрарни егзекуции, кој својот годишен извештај го фокусираше на заштита на правото на живот на новинарите.

„Може да е јасно од статистиката дека најголема закана за новинарите е кога во својство на странски новинар се известува од воен конфликт...Но две третини од убиените се локални новинари, кои работат за радио, весник или интернет“, вели тој.

Специјалниот истражител на ОН за слобода на изразувањето, Френк Ла Ру, вели дека мора да има определба за истрага и гонење на оние кои напаѓаат, убиваат и затвораат новинари.

„Верувам дека мора да има специфично ниво на кривични дела дефинирани како гонење или акти на насилство спрема новинари. Ова за мене е многу важно зашто ќе гарантира подобра заштита на новинарите. Има новинари кои се во сериозна опасност во не-конфликтни ситуации, како ситуации на екстремно насилство, организиран криминал и авторитарни режими“.

Комисијата за заштита на новинари известува дека најмалку половина од 179-те новинари затворени во 2011, биле блогери чија работа се појавува онлајн.

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ ги советува 56-те членки на организацијата да ја заштитат слободата на медиумите.

„Ништо во однос на насилството спрема новинарите не смее да се прави со тивка дипломатија. Тоа се случаи за кои треба да се слушне. Тоа е од јавен интерес“.

Сите агенции на ОН усвоија план за акција предложена од УНЕСКО за безбедност на новинарите. Како да се интегрира заштитата на новинарите во развојните програми е прашање што ќе биде дискутирано на ноемвриска меѓународна средба во Виена.
XS
SM
MD
LG