Линкови за пристапност

ОН очекуваат почитување на прекинот на огнот во Сирија


Генералниот секретар Антонио Гутереш ја нагласи итната потреба од доставување хуманитарна помош

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, вели дека резолуциите на Советот за безбедност „имаат значење само ако се ефективно имплементирани“, повторувајќи дека Сиријците во областа под опсада во источна Гута „не можат да чекаат“ на пристигнување на хуманитарна помош.

Советот за безбедност во саботата побара 30-дневен прекин на огнот, укинување на опсадата и дозвола за пристап до областа на хуманитарните работници.

„Очекувам резолуцијата веднаш да се имплементира и почитува, особено за обезбедување на непосредно, безбедно, непречено и постојано доставување на хуманитарна помош и услуги, евакуација на критично болните и повредените и олеснување на страдањата на сирискиот народ“, истакна Гутереш.

Набљудувачите на ОН известуваат за нови воздушни напади во источната Гута и бунтовничките упоришта во близина на Дамаск, каде во текот на изминатата недела беа убиени преку 500 лица.

„Инсистираме на целосна имплементација, без никакво одлагање, но имаме вистински причини да останеме претпазливи, бидејќи воздушните напади врз источна Гута продолжуваат и утрово“, изјави шефот за човекови права на ОН, Зеид Раад ал Хусеин.

Тој изрази и сомнеж врз изгледите за почитување на резолуцијата, велејќи дека „исто така треба се има превид седумгодишниот неуспех за ставање крај на насилството.“

Досега напорите за ставање крај на конфликтот во Сирија во голема мера беа неуспешни, вклучително и неколку обиди за мировни разговори со посредство на ОН.

Во текот на конфликтот, имаше и неколку предлози во Советот за безбедност прекршителите на човековите права да бидат земени на одговорност, но тие резолуции беа блокирани од страна на Русија и Кина, користејќи го правото на вето. Петте постојани членови на Советот за безбедност, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и САД, можат да постават вето на каква било резолуција.

За време на воведното обраќање на годишната седница на Советот за човекови права на ОН, Зеид зборуваше за неуспехот на Советот да одговори на страдањата во светот, велејќи дека постојаните членки се одговорни за страдањата. Тој посебно ги обвини Кина, Русија и САД за нивната употреба на вето по различни прашања.

Шефицата за надворешна политика на Европската унија, Федерика Могерини, ја изрази нејзината и загриженоста на европските министри за надворешни работи, во врска со насилството во Сирија кое е предизвикано од различните страни во конфликтот, но пред се` од страна на режимот и неговите поддржувачи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG