Линкови за пристапност

Извештај на ОН: 15.000 странски борци во Ирак и Сирија


Се приклучуваат на екстремистичките организации во досега невиден размер, наведува Советот за безбедност.

Според Советот за безбедност на ОН, приближно 15.000 борци од цел свет се приклучиле на екстремистичките организации што дејствуваат во Ирак и Сирија, но самото тело наведува дека бројката може и да е поголема.

Во извештај на Советот стои дека лица од странство се приклучуваат на Исламската држава во досега невиден размер. Тие главно доаѓаат од Блискиот Исток, Западна Европа и Северна Африка, но има извесен број на Азијци и помал број на Американци.

Советот наведува дека доколку продолжи радикализацијата на странските борци откако ќе се вратат дома или во трети држави, значително би можела да се зголеми заканата од екстремистичко насилство на различни места како Европа, регионот Магреб во Африка, Азија и Африка.

Бројот на странски екстремистички борци сега е е поголем од нивниот вкупен број во претходната деценија, проценуваат ОН. На екстремистичките групи во Ирак и Сирија им се приклучиле државјани на 80 земји, но ОН не дадоа список за кои држави се работи. Во извештајот стои и дека во 2014-та, во редовите на странските борци имало мрежи на етнички Чеченци, како и поединци од Франција, Русија, Британија и Северна Ирска коишто дејствувале заедно. Поголемиот дел од вишите команданти на Ал-Каида и Исламската држава сега се ветерани од претходните судири што имаат разни вештини, способности и се вклучени во социјална мрежа, со што ја зајакнале терористичката закана, се вели во извештајот.

ОН во септември донесоа резолуција што ги обврзува земјите-членки да спречат нивните државјани да заминуваат во странство за да се приклучат на терористички организации.

XS
SM
MD
LG