Линкови за пристапност

ОН одобрија резолуција за отфрлање на одлуката на САД за Ерусалим


Генералното собрание на Обединетите нации, со 128 гласа „за“, 9 „против“ и 35 „воздржани“, на вонредната седница усвои резолуција со која признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на САД, го прогласи за неважечко.

Македонија е една од 128-те земји кои гласаа „за“.

Претседателот на САД Доналд Трамп, порано месецов направи промена во долгогодишната американска политика, велејќи дека САД го сметаат Ерусалим за главен град на Израел и дека ќе отпочнат процесот на преместување на американската амбасада од Тел Авив.

Одлуката беше проследена со чекор од Советот за безбедност на ОН за усвојување резолуција во која се изразува „длабоко жалење за неодамнешната мерка околу статусот на Ерусалим“.

Четиринаесет од петнаесетте земји-членки на Советот за безбедност, гласаа во корист на нацрт-резолуцијата, но САД го употребија правото на вето и го блокираа нејзиното усвојување.

Денешната резолуцијата на Генералното собрание е мошне слична со онаа на Советот за безбедност. Пред гласањето, американската амбасадорка на ОН Ники Хејли, изјави:

„САД ќе го запомнат овој ден, кога беа издвоени за напад во Генералното собрание, околу самиот чин на остварување на нашето право како суверена нација. Ќе се сеќаваме на тоа, кога ќе бидеме повторно повикани да го направиме најголемиот придонес во светот спрема ОН. И ќе се сеќаваме кога толку многу земји ќе не` повикаат, како што тоа честопати го прават, да платат уште повеќе и да го искористиме нашето влијание за нивна корист. Америка ќе ја премести својата амбасада во Ерусалим. Тоа е она што американскиот народ сака да го направиме, и тоа е вистинскиот чекор“.

Вонредната сесија на Генералното собрание беше на барање на палестинскиот пратеник Ријад Мансур, со поддршка на арапските и неврзаните земји. Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но сепак носат морална тежина, покажувајќи го мислењето на мнозинството во меѓународната заедница.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG