Линкови за пристапност

Гутереш ги потсети верските лидери дека нивните активности мора да бидат во согласност со мерките на СЗО


Генералниот секретар на ОН рече дека верските лидери треба да ги користат нивните подиуми за промоција на јавното здравје, според препораките на Светската здравствена организација

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш, ги повика верските лидери да играат клучна улога во адресирање на пандемијата на коронавирус.

„Знаеме од претходните јавни здравствени кризи, како ХИВ, сида и ебола, дека постапките на верските лидери влијаат врз вредностите на луѓето, нивните пристапи, однесувања и постапки“, рече Гутереш, за време на онлајн состанок со верски лидери и дипломати, додавајќи:

„Со влијанието доаѓа и одговорност да се работи заеднички, да се стават разликите настрана, и општите вредности да се преточат во акција“.

На 23 март, Гутереш повика на глобален прекин на огнот, за да може светот да се фокусира на ресурсите за справување со КОВИД-19.

Тој им се заблагодари на верските лидери за поддршката на ваквиот повик, но, рече дека конфликтите продолжиле на многу места.

„За да го победиме овој вирус и да изградиме поодржлив свет, потребно е обединување на заедниците“, рече Гутереш.

Побара од верските лидери да се спротивстават на погрешните и штетни пораки, да ги охрабрат сите заедници да промовираат ненасилство, да одбиваат ксенофобија, расизам, како и сите други форми на нетолеранција.

Гутереш, исто така, рече дека верските лидери треба да имаат улога во борбата против дезинформациите за КОВИД-19, и оти треба да ги користат нивните подиуми за промоција на јавното здравје, според препораките на Светската здравствена организација.

Тој, исто така, ги потсети верските лидери дека нивна обврска е да осигураат оти верските активности, како молитви и погреби, мора да бидат во согласност со мерките на СЗО.

Верските лидери, пак, повикаа на солидарност, обединетост и братство за време на овие глобално страдање и несигурност.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG