Линкови за пристапност

Повеќе од 150 држави го усвоија Договорот за миграции на Обединетите нации


Договорот поставува цели за подобра заштита на мигрантите, но САД и неколку европски земји не го поддржаа поради приговори околу суверенитетот или стравувања дека миграцијата би можела да се препознае како човеково право

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави во понеделникот дека миграцијата „треба да биде добро менаџирана и безбедна, а не неправилна и опасна“. Тој ги пофали 150-те нации за усвојувањето на глобалниот договор кој треба да го унапреди начинот на кој светот се справува со протокот на мигранти.

Зборувајќи на отворањето на дводневна конференција во Маракеш, Мароко, Гутереш ги прозва државите, повеќето од нив во Европа, кои се критични кон Глобалниот договор за безбедна, уредна и регуларна миграција.

Тој рече дека грешат оние кои се плашат дека договорот ќе ѝм го наруши националниот суверенитет со наметнување на миграциски политики или ќе креира право за луѓето да мигрираат каде сакаат и кога сакаат.

„Договорот само реафирмира дека мигрантите треба да ги уживаат човековите права, независно од нивниот статус,“ рече Гутереш.

Глобалниот договор содржи 23 цели, вклучувајќи и зголемување на пристапот до основните услуги, зајакнување на напорите против криумчарење и борба против трговијата со луѓе, елиминирање на дискриминацијата, обезбедување услови за пристојна работа и посредување за безбедно и достоинствено враќање за оние кои се враќаат во матичните држави.

За договорот се преговараше две години, а САД први се повлекоа, одлучувајќи во декември минатата година дека предложениот договор е „неконзистентен со политиките на САД за имиграција и бегалци“.

Тогаш, државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, рече дека САД ја поддржуваат меѓународната соработка во врска со миграциските прашања, но „главната одговорност на суверените држави е да обезбедат миграцијата да биде безбедна, уредна и легална“.

Оттогаш, слична загриженост изразија и други држави, меѓу кои и Австралија, Австрија, Унгарија, Латвија, Полска и Доминиканската Република.

Гутереш рече дека 80 проценти од мигрантите одат по безбедни, регуларни патишта, но повеќе од 60.000 луѓе ги загубиле животите обидувајќи се да мигрираат преку пустини, океани или реки, како и во шверцот со луѓе.

Обединетите нации проценуваат дека во светот има 258 милиони мигранти, што е три проценти од светската популација.

ОН сметаат дека мигрант е секој кој ја менува својата земја, без оглед на причината. Се очекува бројот на мигранти да расте поради факторите како што се растот на населението, трговијата, зголемувањето на нееднаквоста и климатските промени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG