Линкови за пристапност

САД шокирани од руското вето на резолуцијата на ОН за МХ17


Саманта Пауер: Наш заеднички интерес е да обезбедиме правдата да биде задоволена
Саманта Пауер: Наш заеднички интерес е да обезбедиме правдата да биде задоволена

Со неа ќе се основаше меѓународен кривичен суд за оние коишто пред една година го соборија авионот на Малезија ерлајнс додека леташе над Украина

Американската амбасaдорка во ОН Саманта Пауер вели дека САД се шокирани и разочарани од руското вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со којашто ќе се основаше меѓународен кривичен суд за гонење на оние коишто пред една година го соборија авионот на Малезија ерлајнс додека беше на летот МХ17 над Украина.

„Кога Русија ќе гласа против за вакво нешто - погоден патнички авион и толку многу фамилии страдаат - наш заеднички интерес е да обезбедиме правдата да биде задоволена“, изјави Пауер за Гласот на Америка.

Од местото на уривање на малезискиот авион во источна Украина
Од местото на уривање на малезискиот авион во источна Украина

Русија понуди своја нацрт-резолуција, барајќи да се осудат одговорните, но е против основање на специјален суд.

Тоа, вели Пауер, „не само што отвора вистински прашања за односот на Русија кон самото злосторство и зошто се плаши од создавањето на независен суд, туку и вистински прашања за Советот за безбедност и дали може да се смета на него да ја спроведува Повелбата на ОН според којашто неповредивоста на границите е светост и којашто ги повикува земјите да го почитуваат интегритетот на соседите. Повелбата посекако не наведува, ниту пак е со намера некоја земја-членка на ОН да поддржува група милитанти коишто можат да соборат патнички авион“.

Австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп кажа дека е незамисливо Советот за безбедност да не ги зеде на одговорност оние коишто го соборија малезискиот авион над Украина. Таа додеаде дека руското вето само го прави злосторството уште поголемо. Малезија, Холандија, Австралија, Украина и Белгија изразија поддршка за основањето на меѓународен суд за случајот. Министрите за надворешни работи на овие земји присуствуваа на синоќешната средба на Советот за безбедност.

Русија претходно има кажано дека претпочита да заврши меѓународната истрага за случајот со којашто раководи Холандија. Конечниот извештај се очекува да биде објавен во октомври.

На 17-ти јули 2014-та, авионот на Малезија ерлајнс на летот МХ17 од Амстердам до Куала Лумпур, во којшто имаше 298 лица, а околу две третини од нив беа Холанѓани, беше погоден од проектил земја-воздух додека леташе над регионот на источна Украина, под контрола на бунтовниците поддржани од Русија.

Украина и западниот свет се сомневаат дека авионот го собориле или руски војници, или сепаратистите. Русија го отфрла тоа и понуди друго сценарио, споре коешто авионот бил соборен од ракета од украински борбен авион.

XS
SM
MD
LG