Линкови за пристапност

Вонредна седница на Генералното собрание на ОН за Ерусалим


Генералното собрание на Обединетите нации утре треба да одржи вонредна седница, на која ќе се разгледа резолуцијата за одбивање да се признае Ерусалим како главен град на Израел.

Состанокот го побара палестинскиот претставник во светската организација Ријад Мансур, кој изјави дека се надева на „огромна поддршка“ за резолуцијата.

Египет во понеделникот пред Советот за безбедност на ОН, поднесе предлог-резолуција по одлуката на претседателот Доналд Трамп, но САД го употребија правото на вето и ја блокираа, додека останатите 14 земји-членки на Советот гласаа „за“.

Генералното собрание ќе гласа по резолуција со иста содржина, но нема да има тежина како мерка на Советот за безбедност. Резолуциите на Генералното собрание се необврзувачки, но сепак можат да предизвикаат политички последици.

Трамп минатата недела изјави дека неговата одлука да го признае Ерусалим како главен град на Израел, и преместување на американската амбасада од Тел Авив, е всушност „признавање на реалноста“. Тој додаде дека не само што Ерусалим историски е главен град на еврејскиот народ, тој е и политички главен град на модерен Израел.

Оние кои ја критикуваат одлуката, велат дека потегот на Трамп се коси со долгорочната политика на САД и позицијата на ОН, дека статусот на Ерусалим треба да биде дел од процесот на мировни преговори меѓу Израелците и Палестинците.

Израел го смета целиот Ерусалим за свој вечен град, додека Палестинците се залагаат Источен Ерусалим да биде главен град на идната држава и велат дека САД повеќе не се сигурен партнер во мировниот процес.

Администрацијата на Трамп вели дека е посветена на решение за постоење на две држави на Блискиот Исток и дека физичката локација на амбасадата на САД, не треба да има влијание врз разговорите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG