Високата комесарка за човекови права на Обединетите нации Мишел Бачелет, ги повика владите да ги почитуваат правата на граѓаните за време на пандемијата.
Во изјавата, објавена денес, таа вели дека човековите права не треба да бидат злоупотребувани, користејќи го моментот на воведување итни мерки за справување со КОВИД-19.
Таа рече дека моќта за воведување вакви мерки треба да се искористи за успешно справување со пандемијата, ниту повеќе, ниту помалку, и оти не треба да биде оружје на владите за контрола на населението.
Канцеларијата на високата комесарка објави нов водич за спроведување на итните мерки, велејќи дека имало бројни извештаи од различни региони, оти полицијата и другите безбедносни сили, користеле прекумерна сила да ги принудат граѓаните да ги почитуваат мерките за изолација и полициски час.
„Убивање, затворање или злоупотреба на кој било поради непочитување на полициски час, додека очајно барал храна, е неприфатлив и незаконски одговор“, рече Бачелет.
Речиси сите држави во светот се во некаков вид изолација во обид да се спречи ширењето на коронавирусот.
Речиси три милиони луѓе во светот се заразени со вирусот, согласно универзитетот Џонс Хопкинс, а повеќе од 206.000 луѓе починаа.
Facebook Forum