Линкови за пристапност

Обединети нации: Домашното насилство расте под притисок на пандемијата


Генералниот секретар на Обединетите нации предупреди дека зголемувањето на социјалниот и економскиот притисок како последица од пандемијата на коронавирусот, доведе до глобално зголемување на насилството врз жените и девојчињата.

Минатата недела Антонио Гутереш повика на глобален прекин на воение конфликти, така што меѓународната заедница да може да го насочи целото свое внимание на запирање на вирусот и помагање на оние кои се заболени.

„Но, насилството не е присутно само на бојното поле“, рече тој. „За многу жени и девојчиња, заканата се зголемува таму каде што треба да бидат најбезбедни - во нивните домови. И затоа, упатувам нов апел, сега за мир во домот, во домовите - ширум светот“.

Многу земји пријавија инциденти на семејно насилство од почетокот на пандемијата на глобално ниво.

За многу жени и девојчиња, заканата се зголемува таму каде што треба да бидат најбезбедни - во нивните домови. Затоа, упатувам апел за мир во домовите - ширум светот
Антонио Гутереш, Генерален секретар на ОН


Во Франција, стапката на семејно насилство се зголемила за една третина за една седмица. Во Јужна Африка, властите примиле скоро 90.000 пријави за насилство врз жени во првата недела по воведувањето на мерката за останување дома со цел да се спречи ширење на вирусот.

Владата на Австралија соопшти дека пребарувањата преку Интернет на содржини поврзани со информации за поддршка во услови на семејно насилство пораснале за 75%, додека во Турција активистите бараат поголема заштита откако бројот на убиства на жени нагло се зголеми по 11 март кога беше воведена мерката за останување дома.

Mногу држави воведоа карантини и повикаа граѓаните да останат дома за да се забави ширењето на респираторниот вирус од кој заболеа повеќе од 1.390.000 луѓе ширум светот, а над 79.000 починаа.

Со воведувањето на мерката за останување дома многу жени и девојки се наоѓаат во преполни домови со мажи кои ги загубиле своите работни места и најчесто се фрустрирани поради тоа. Ако порано тие фрустрации се ослободуваа со гледање спорт или на средби со пријателите во локалните барови, сега наместо тоа, тензијата се пренесува во домот.

Во исто време, полицијата е презафатена со активности кои треба да обезбедат спроведување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, а граѓанските организации се борат да ги одржат персоналот и ресурсите. Во некои градови, засолништата за жртви на семејно насилство се пренаменети во здравствени центри.

„Ги повикувам сите влади, превенцијата и справувањето со насилството врз жените да го воведат како клучен дел од нивните национални планови за одговор на КОВИД-19“, апелираше Гутереш.

Тој рече дека тоа вклучува обезбедување засолништа, поставување на системи за предупредување за итни случаи во аптеките и макетите и создавање безбедни начини жените да бараат поддршка, без притоа да бидат предупредени оние кои вршат насилство врз нив.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG