Линкови за пристапност

Обама и други државници повикаа на акција против климатските промени


На еднодневниот самит на ОН на оваа тема учествуваат државници од 125 земји

Американскиот претседател Барак Обама и други државници повикаа на глобална заложба за заштита од глобалните гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.

На денешниот Климатски самит на ОН, Обама рече дека САД, земата што е вториот најголем загадувач на светот, зема одговорност за улогата во наштетувањето на глобалната животна средина, но дека сите земји мора заедно да реагираат за да се справат со се` поголемиот проблем на климатските промени.

Обама кажа дека пред обраќањето на самитот се сретнал со Џанг Гаоли, вицепремиерот на Кина, земјата што е најголемиот загадувач. Според американскиот претседател, тој и Гаоли се согласиле дека нивните земји, што истовремено се и најголемите две економии во светот, мора да преземат одговорност да предводат со напорите за намалување на штетните гасови.

Обама рече дека САД се на пат да го намалат јаглеродното згаадување за 17% до 2020-та, во споредба со нивото од 2005-та. ЕУ најави дека до 2030-та, нејзиното ниво на испуштање на штетни гасови ќе биде за 40% од она во 1990-та.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го отвори самитот со повик до државите да заземат нов курс за да ја заштитат глобалната животна средина од штетните гасови.

„Климатските промени се закана за тешко освоениот мир, просперитетот, можностите за милијарди лица. Мора денес да го насочиме светот на нов курс“, порача генералниот секретар. Тој рече дека светот треба да биде без јаглеродно загадување до крајот на 21-от век.

На еднодневниот самит учествуваат државници од 125 земји. Еколошките активисти се надеваат дека тој ќе биде поттик за усвојување на глобален пакт за ограничување на штетните гасови на Париската конференција закажана кон крајот на 2015-та година.

На денешната средба, францускиот претседател Франсоа Оланд рече дека неговата земја ќе даде една милијарда долари во наредните години за фондот на ОН за помош на посиромашните земји да се справат со климатските промени. Сумата е идентична со претходното ветување од германската канцеларка Ангела Меркел. ЕУ вети 3,9 милијарди долари. На средбата е забележило отсуството на првите лица на Кина и Индија, друга земја што е значителен загадувач. Тие испратија претставници од понизок ранг.

Пред да замине на самитот, Обама потпиша извршна наредба со којашто американските агенции ќе мора да ги земат предвид климатските промени кога инвестираат во развојни програми.

XS
SM
MD
LG