Линкови за пристапност

УНИЦЕФ: 59 милиони млади се неписмени заради конфликти и природни катастрофи


Податоците се објавени непосредно пред конференцијата во Дакар, Сенегал, посветена на обезбедување фондови за образование на децата и младите во светот

Речиси 60 милиони млади кои живеат во земји погодени од конфликт или природна катастрофа, се неписмени и постои потреба од поголеми инвестиции во образованието за успешно справување со кризата, се вели во денешниот извештај на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ).

Според наодите на агенцијата, речиси 30 проценти од лицата меѓу 15 и 19-годишна возраст коишто живеат во вакви држави, се неписмени и проблемот е поизразен кај девојчињата и младите жени. 33 проценти од овие жени не успеале да ги научат дури и основите, споредено со 24 проценти меѓу момчињата.

УНИЦЕФ повикува на поголемо финансирање за образовни програми, особено за време на хуманитарните кризи. Агенцијата додава дека само 3,6 отсто од фондовите за хуманитарни цели, се наменети за образование на млади луѓе кои живеат во вонредни ситуации, што го прави еден од најмалку финансираните хуманитарни сектори.

Во годишната Хуманитарна акција за деца, којашто започна неделава, УНИЦЕФ повика на 900 милиони долари за земјите уништени од човечки и природни катастрофи. Финансирањето ќе се искористи за програми како забрзано учење, обука на наставници, реконструкции во училиштата, училишен мебел и потребни помагала.

УНИЦЕФ предложи и владите, на младите деца да им обезбедат можности за рано учење, а неписмените лица да имаат специјално дизајнирани програми за алтернативно образование.

Наодите се базирани на податоците на УНЕСКО од 27 земји погодени од вакви катастрофи.

Држави со највисока стапка на неписменост кај лицата на возраст меѓу 15 и 24 години се Нигер, со 76 проценти, Чад, со 69 проценти, Јужен Судан, со 68 проценти и Централноафриканската Република, со 64 проценти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG