Линкови за пристапност

ОН предупредуваат од можен прекин на достава на храна во Алепо


Светската организација загрижена и од евентуално отселување на 100.000 до 150.000 жители на градот

Обединетите нации предупредија дека доколку провладините сили во Сирија успеат во опсадата на Алепо, можно е да се случи 300.000 лица да не добијат хуманитарна помош.

Во оценката на ситуацијата на теренот, ОН велат дека офанзивата на Алепо веќе ги има отсечено линиите на достава на помош меѓу источниот дел на градот и преминот Баб ал-Салам на границата со Турција. Дополнителен напредок во преземање на контролата на градот, можно е да предизвика отселување на 100.000 до 150.000 цивили од Алепо.

Портпаролката на Светската програма за храна, Бетина Лусчер за време на средбата со новинарите во Женева, изјави:

„Мошне сме загрижени за ситуацијата на теренот. Загрижени сме поради отсеченоста на пристапот за снабдување од север до источниот дел на Алепо. Ги вложуваме сите напори за да обезбедиме храна за овие луѓе“.

Од Светската програма за храна рекоа дека дистрибуираат храна која итно им е потребна на 21.000 луѓе кои пребегаа од Алепо во Азаз, што се наоѓа јужно од турската граница.

Сириските провладини сили тргнаа кон Алепо минатата недела со цел да им се спротивстават на бунтовниците коишто преку пет години се борат против режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Руски воени авиони со денови го бомбардираат северниот дел на Сирија, принудувајќи ги силите поддржани од САД и други бунтовнички сили да се засолнуваат во тунели и кратери од експлозии. Еден од бунтовниците за Гласот на Америка изјавил дека моралот е на многу ниско ниво, бидејќи борците против режимот на Асад сметаат дека Западот ги има напуштено.

Разговорите во Женева за политичко решение на конфликтот во Сирија се во застој заради несогласување меѓу Сирија и опозицијата во врска со приоритетот на хуманитарните прашања.

XS
SM
MD
LG